Со три натпревари синоќа беше отворено 51. издание на традиционалниот турнир во мал фудбал „Петровден 2026“ во Мешеишта, на кој годинава учествуваат 32 екипи поделени во осум групи.
Актуелниот шампион АСП ПАК испрати силна порака до конкуренцијата уште на стартот, совладувајќи го Кафе бар Слобода од Кичево со убедливи 7:0 во натпревар од групата А.
Во останатите средби, Нова-пор ја победи Виена Комерц со 4:3 во групата Ц, додека Топлина со идентични 4:3 беше подобра од Пејачката Софче Македонија во групата А.
Турнирот продолжува вечерва со нови три натпревари. Од 20:30 часот се среќаваат Чардак Велгошти и Дебрца Експрес (група Г), од 21:30 часот играат ДООЕЛ Ноче и БЗ Груп Струга (група Ц), а програмата ќе ја затворат Хотел Тино и Охридски Бисер Филеви (група Д) со почеток во 22:30 часот.
Турнирот „Петровден“ повеќе од пет децении претставува еден од најзначајните спортски настани во охридско-струшкиот регион, а и ова лето се очекуваат возбудливи натпревари и голема посетеност на трибините во Мешеишта.
Г.М.















