Сите граѓани кои што од денеска ќе купат и ќе вградат уред на погон на течен гас (ТНГ), метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата ќе имаат можност да остварат поврат од 50 проценти од трошокот, но не повеќе од 18.000 денари.

Ова го предвидува новата мерка за субвенционирање на граѓаните кои ќе вградат ваков вид на уреди во своите возила, која денеска ја објави министерот за економија Крешник Бектеши.

Министерот информираше дека согласно јавниот повик кој беше објавен вчера, граѓаните ќе може да аплицираат за оваа мерка од денеска.

Како што информираше министерот, за да добијат субвенции, сопствениците на возила произведени од 2005 година па наваму, треба да извршат купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата, по денот на објавување на Јавниот повик, во некој од фирмите кои вршат продажба и вградување на таквите уреди.

„Со така преправеното возило сопственикот треба да се упати во Техничка служба која ќе ја констатира преправката и сопственикот ќе биде упатен во МВР каде треба да се пријави преправката. Во МВР на сопственикот му се издава упатница, која ја доставува до техничката служба, за да биде извршена проверка на сообразноста на направената преправка. Техничката служба го прегледува возилото, изготвува записник и издава потврда за сообразност на вградениот уред (познатa како АТЕСТ) и пропратно писмо. Со Потврдата и писмото, сопственикот се упатува на шалтер на МВР (во техничката служба или станица за технички преглед) каде добива нова сообраќајна дозвола во која е евидентирана преправката односно дека е монтиран уред за погон на ТНГ, метан или слично, инфирмираше министерот и додаде дека постапката од моментот на доѓање во техничката служба до издавњето на новата сообраќајна дозвола не трае повеќе од 2 до 3 дена.

Огласот ќе трае точно 30 дена од денот на објавувањето и ќе се одвива по принципот „Прв дојден, прв услужен“.

OhridNews