По светската премиера на 56тиот Меѓународен филмски фестивал на Индија (IFFI) во Гоа, во ноември 2025 година, филмот „Axis of Life“ („Оска на животот“) започнува со поширока кино-дистрибуција низ Балканот. Синоќа тој ја имаше својата бугарска премиера во кино „Лумиер“ во Софија, во рамките на меѓународниот филмски фестивал Cinelibri. Во оваа меѓународна филмска продукција учествува и охридскиот актер Стрезо Стаматовски, кој го толкува ликот на Томар, еден од централните ликови во филмската приказна.

Стаматовски настапува покрај познати меѓународни актерски имиња. Улогата на духовниот учител Вид ја толкува данскиот актер Ларс Симонсен, познат по серијата „The Bridge“, додека во актерската екипа се и Александар Алексиев, Владимир Михајлов, британскиот актер Клајв Расел, познат по улогата во серијата „Game of Thrones“, и италијанската актерка Марина Сума.

„Axis of Life припаѓа на оној вид кинематографија што често се определува како slow cinema. Тоа е филм кој не брза да раскажува, туку остава простор за тишината, сликата, атмосферата и внатрешниот свет на ликовите. Дејството се одвива во едно дистописко време, а преку патувањето на духовниот учител и неговите тројца ученици се отвораат теми од метафизиката, духовноста, човековото постоење, вербата и потрагата по вистината и смислата на животот.

Мислам дека ова не е филм што треба само да се гледа, туку и да се доживее. Не нуди готови одговори, туку остава простор секој гледач да ја пронајде сопствената интерпретација. Тоа е една од неговите најголеми вредности.“ вели актерот Стаматовски.

Со „Axis of Life“, Стрезо Стаматовски остварува едно меѓународно филмско учество, претставувајќи го и македонското актерско творештво пред публиката надвор од земјата.

Македонската публика наскоро ќе има можност да го погледне филмот и на големото платно во домашните кина.

OhridNews