Регионални експерти, претставници на владините институции, шумарските институции, општините, академската заедница, граѓанското општество, развојните партнери и бизнисите поврзани со шумарството од Албанија, Косово, Црна Гора и Северна Македонија се сретнаа во Струга на Регионалната експертска тркалезна маса на тема „Интегрирано управување со шумите на Западен Балкан: Научени лекции, предизвици и насоки за иднината“.

Беше посочено дека шумите во сливот на реката Дрим имаат клучна улога во регулирањето на водите, зачувувањето на биолошката разновидност, климатската отпорност, снабдувањето со енергија и обезбедувањето егзистенција за руралното население. Истовремено, тие се соочуваат со сè поголеми притисоци од деградацијата, нелегалната сеча, шумските пожари, сушите, ерозијата, неодржливото користење на шумските ресурси и структурните предизвици во шумарскиот сектор.
Справувањето со овие меѓусебно поврзани предизвици бара пристапи што ги надминуваат изолираните интервенции и ги обединуваат обновувањето на шумите, одржливото управување, институционалната соработка, јакнењето на професионалните капацитети и економски одржливите локални решенија.
Оваа регионална експертска тркалезна маса е можност да се осврнеме на постигнатите резултати, но уште поважно, да погледнеме кон иднината. Не сме собрани овде само за да презентираме уште еден сет проектни резултати. Тука сме за да размениме искуства, да ги преиспитаме вообичаените пристапи, да учиме едни од други и да истражиме како успешните практики можат да прераснат во долгорочни и одржливи решенија, изјави Нехат Рамадани, директор на ЦНВП Северна Македонија.
Во изминатите четири години, нашата соработка во Албанија, Косово, Северна Македонија и Црна Гора придонесе за обновување на 119 хектари шума, засадување на повеќе од 119.000 автохтони дрвја и зајакнување на знаењата на околу 2.100 луѓе за подобра грижа и управување со шумите, истакна Анила Аљај, директорка на ЦНВП Албанија.
Но, нашиот најголем успех се луѓето и партнерствата што стојат зад овие резултати: локалните заедници кои преземаат иницијативи, експертите кои го споделуваат своето знаење и институциите кои соработуваат надвор од националните граници. Верувам дека трајните промени се постигнуваат кога науката ќе ја поврземе со локалното искуство и кога работиме заедно со природата, а не против неа. Нашата цел не е само да ги обновиме шумите денес, туку и да оставиме поздрави предели и посилни заедници за идните генерации, додаде.
Иднината на шумите во сливот на реката Дрим бара долгорочна посветеност од сите чинители, посочи Астрид Таус, раководителка за општествено влијание, ICEP.
Проектите можат да иницираат промени, но нивното трајно влијание зависи од континуираната соработка меѓу институциите, локалните заедници, експертите, бизнис-секторот и развојните партнери, и по завршувањето на поединечните проектни циклуси. Иницијативата „Drin Forest Fu tures“ има за цел да ги надгради досега постигнатите резултати и регионалната соработка да ја преточи во долгорочни активности за поотпорни шуми и одржлива егзистенција, додаде.

Тие придонесуваат за зачувување на биолошката разновидност, зајакнување на климатската отпорност и обезбедување сигурност во снабдувањето со вода. Истовремено, тие имаат директен придонес во благосостојбата на локалните заедници ширум Западен Балкан, додаде.
Регионалниот проект „Интегрирано управување со шумите долж сливот на реката Дрим“ одговара на овие потреби преку поврзување на практичните активности за обновување на шумите и пределите со зачувувањето на биолошката разновидност, јакнењето на климатската отпорност, развојот на институционалните капацитети и создавањето можности за остварување приходи на еколошки одржлив начин.
Проектот е финансиран од Австриската агенција за развој (ADA), во рамките на програмата „International Partnerships Austria“, а го спроведува ЦНВП во четирите партнерски земји, под водство на австриската невладина организација ICEP. Иницијативата се фокусира на добри практики засновани на локалните потреби, кои можат да се применуваат и пренесуваат и во други земји од Западен Балкан.
OhridNews











