Стратешки цели на нашата програма ќе бидат економскиот раст и развој на општината, креирање нови работни места и унапредување на туризмот и културата, односно зголемување на меѓународната соработка на градот.“ – истакна кандидатот за градоначалник на Охрид, д-р Никола Бакрачески, на партиската конвенцнија која вечерва се одржа во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

Како што потенцира Бакрачески пред охриѓани, во програма се вметнати низа активности од сите сектори и области, почнувајќи од развој на локалната економија, преку изградба на катни гаражи и автопат, па се до решавање на проблемот со урбанизацијата.

Во функија на локалниот економски развој, ќе изградиме нова индустриска зона во рамките на општината. Ќе ги поддржиме малите и средни претпријатија. За подобрување на условите во образованието, ќе пристапиме кон реконструкција на голем број училишта и сали, а воведуваме и проект за стипендирање на најдобрите ученици.“ – истакна д-р Бакрачески.

За развој на спортот, во програмата се предвидени изградба на затворен олимписки базен и голем број на повеќенаменски спортски игралишта. Исто така, главен акцент се става на заштитата на културното богатсво и решавање на проблемите урбанизацијата.

Ќе ги обновиме згаснатите меѓународни турнири и ќе отвориме спортска академија. Реконструкција и санација на историските споменици, на куќите и објектите во градот кои се заштитени како културно наследство, тоа ќе ни биде секојдневие. Конечно ќе воспоставиме ред во урабнизмот. Тоа е најболната точка на овој град, на ужас и страв, хаос и анархија.“ – додава д-р Бакрачески.

Како составен дел од програма, предвидени се капитални објекти кои на градот ќе му дадат една поинаква димензија.

Ќе вложиме во препознатливи и неопходни објекти како што е изградба на современа меѓународна автобуска станица, затворен зелен пазар, катни  гаражи, реконструкција на пристаништето, изградба на современа марина, автопат, голем трговски центар и развој на здравствениот туризам. Реконструкцијата на улиците, на новите велосипедски и пешачи патеки, како и хорикултурното уредување во градот, ќе бидат наша постојана грижа. Охрид ќе го врати достоинството и важноста во регионални рамки, а тоа ќе биде моја врвна цел.“ – истакна д-р Бакрачески.

Во своето излагање пред присутните, д-р Бакрачески истакна дека една од основните задачи ќе биде градење на цврст тим, составен од чесни луѓе.

Бирократскиот модел во затворени канцеларии ќе биде минато. Мојот тим мора да биде во отворена и постојана комуникација со граѓаните, со експертската јавност, со научната фела и работодавците. Како водич за раководење со Охрид, излегувам со прецизна и јасно дефинирана програма, во која секој ќе може да се пронајде. Тоа ќе биде најсериозната и најобемната програма направена за Охрид, која ги вклучува професионалните анализи на многу еминентни луѓе не само од земјава, туку и од европските градови.“ – потенцира д-р Бакрачески.

Свое излагање имаше и претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Атанско Михаилов. Според него, партијата е репрезент на современата европска десница која има задача да го врати сјајот на градот.

Затоа на чело на Охрид, како духовна, културна и втора метропола во земјава, ВМРО-ДПМНЕ ќе доведе луѓе кои имаат европски и светски видици. Луѓе кои не се корумпирани и кои ќе останат имуни на среброљубието. Луѓе кои ќе имаат почит не само од нашата партија, туку од сите граѓани на општина Охрид.“ – потенцира Михаилов.

Тој истакна дека единствената надеж на граѓаните за излез од темницата, е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Бакрачески.

Ги повикувам сите добронамерни граѓани да ни се придружат. Сите заедно на овие избори да ја прославиме победата на вистината над лагата, умот над аматеризмот, чесноста над корумпираноста, Бакрачески над Петрески, ВМРО-ДПМНЕ над СДСМ и неговите сателити. Енергијата која ја носи УМС ќе се фокусира како сила неопходна за нашата победа. Посветеноста на унијата на жени ќе се покаже во полн сјај и ќе ги донесе сите наши сограѓанки во овие историски важни избори. Ветераните ќе споделат искуство со помладите членови. Мисијата е да ги оствариме големите соништа за нашата нација и нашиот град.“ – додаде Михаилов.

Инаку, претстојните локални избори ќе се одржат на 24-ти март, а партиите кои ќе се борат за градоначалнички мандат почнaa со промоција на на своите програми.

OhridNews