Не сум го видел извештајот и не можам да коментирам нешто што не сум го анализирал. Ние сме свесни за сите ризици кои можат да настанат при изведување на секој еден проект, вели градоначалникот Никола Бакрачески коментирајќи го изнесеното во извештајот на УНЕСКО за степенот на зачуваност во подрачјата прогласени за светски наследства, во кој состојбата на Охрид е оценета како се поранлива, а како главна причина за можната деградација се наведуваат предвидените инфраструктурни проекти.
– Тоа се проекти кои се од државно значење, не се проекти кои влегле во програмата на локалната самооуправа, но секогаш ќе се најдат коментари кои одат во прилог или против изградбата. На сите професионални конференции и советувања кои ги организираат градовите кои се под заштита на УНЕСКО секогаш имаме и општа дебата, дека прогресот на една заедница како што е Охрид, зависи од балансот меѓу потребите на граѓаните за развој на заеницата и она што значи зачувување на природата и културното наследство. Ние не можеме ниту само во една насока да се движиме, ниту пак само во друга. Секогаш прогресот на општеството е дефиниран од балансот на двете работи-потребите за развој на градот и подобрување на квалитетот на живот и животниот стандард на луѓето и зачувувањето на природното и културното наследство. Потеребите на граѓаните не зависат секогаш од насоките кои ние ги добиваме во делот на заштитата на културното и природното наследство, изјави Бакрачески.
Градоначалникот додаде дека постојано е отворена комуникацијата со претставниците на УНЕСКО и дека информациите околу загрозеноста на статусот на Охрид е далеку од она што го претставуваат некои невладини организации или здруженија, како што рече, кои имаат политичка позадина.
– За нас е од особена важност комуникацијата со УНЕСКО, здруженијата и пред се со експертите во оваа област кои знаат како се прави заштитата на културното и природното наследство и на професионален начин можат да ни помогнат да ги надминеме недоразбирањата, рече Бакрачески.
Градоначалникот додаде дека ќе даде свој коментар и личен осврт откако ќе ги разгледа забелешките од извештајот на УНЕСКО.
OhridNews











