Караванот на фестивалот „Баскерфест“ ќе гостува во Охрид на 28-ми и 29-ти јуни 2014 година. Охриѓани и туристите ќе имаат можност да се забавуваат со несекојдневните уличните перформанси со пантомима, музика, танц како и со други креативни активности. Според најавите, изведбите од „Баскерфест“ ќе се одржуваат на Градскиот плоштад и низ охридската чаршија.

Освен во Охрид, „Баскерфест“ ќе гостува и во Неготино, Виница, Берово, Македонска Каменица, Прилеп, Крива Паланка, Пехчево, Тетово, Крушево, Дојран, Ресен, Делчево и Битола, како и во Банско, Бугарија.

Овој караван е продолжение на овогодинешното издание на фестивалот кое во неделата заврши во Скопје. Посетителите од 6 до 15 јуни на скопскиот плоштад „Македонија“ уживаа во перформансите на 150 артисти. За викендите кај Веро Центарот, најмладите уште од пладне се забавуваа со голем број аниматори, а вчера за нив имало забава и во Зоолошката градина.

Наредната година е јубилејна за единствениот уличен фестивал во Македонија. Организаторите информираат дека за десетгодишнината на „Баскерфест“ се подготвува нешто спектакуларно.

OhridNews