Во текот на наредните десет дена, во Охрид треба да допатуваат стручни тимови на Меѓународната инвеститорска групација Т-ТИМ ПЛУС од Белград. Нивната посета на Охрид ќе биде со цел да ја согледаат можноста и локациите за инфраструктурно инвестирање. Оваа одлука била донесена на средбата што Градоначалникот Александар Петрески вчера ја имал со претставниците и сопствениците на оваа инвеститорска групација, во Охрид.
Според соопштението на Општина Охрид, на средбата присуствувале сопствениците на Т-ТИМ ПЛУС, Жарко Зечевиќ и Жељко Танасковиќ, и нивниот правен застапник Дејан Симиќ. Тие покажале голем интерес за инвестирање и изградбата на повеќе инфраструктурни објекти во Охрид. На крајот на денешните разговори , двете страни констатирале дека постојат објективни услови и взаемен интерес, партнерство и соработка.
Српската групација Т-ТИМ ПЛУС со седиште во Белград е една од најреномираните меѓународни инвеститорски групации во регионот. Во текот на својата долгогодишна работа врз принципот на партнерско инвестирање, таа има реализирано бројни инфраструктурни проекти, во 4 европски земји.










