Граѓаните во Охрид и туристите денес се едуцираат за болестите на црниот дроб, а можат и да се тестираат и бесплатно за хроничен хепатитис Б, Ц и ХИВ на градскиот плоштад во Охрид.

Активноститте се во рамки на одбележување на Светскиот ден за борба против хепатитот под мотото „I Can’t Wait’ WE Cant Wait, Hep Cant Wait“, во организација на Хепар Центар Битола, а во соработка со пациентска организација за ретки болеси „Ретко е да си редок” од Охрид.

Милан Мишковиќ од Хепар Центар Битола вели дека за жал статистиките кои доаѓаат оваа недела кога се врши и активно тестирање говорат дека бројот на заразени лица со хепатитис Ц благо се зголемува.

И самата Ковид ситуација го направи своето со оглед дека приоритет се даде на ковидот и на Инфективната клиника во Скопје и на инфективните одделенија низ земјава. Поради ова ја актуелизиравме состојбата преку ЈЗУ Универзитетската клиника за Гастроентерохепатологија, за што поголем број на пациенти да добијат третман и нега од оваа група за да не се најдеме во ситуација да се третираат што повеќе карциноми на црниот дроб во иднина. Над 50-60 000 граѓани во Македонија можно е да се заразени со хепатитис Б и Ц. Ова е уште една можност за државата да поработи во иднина повеќе на скрининг програмите, но и да апелираме терапиите кои не се достапни во нашата земја посебно за хроничен хепатитис Б да бидат дел од системот, односно од позитивната листа или крајно да добијат основни буџети за почеток да можат да бидат дел од програмата за пациенти кои веќе имаат напредно заболување на црниот дроб односно одреден степен на оштетување- фиброза или цироза. Барем оваа група на пациенти да добие навреме терапија да не прогресира болеста до карцином, вели Мишковиќ.

Во моментов, вели, на двете клиники има терапија за хепатитис Ц, додавајќи дека основните буџети кои биле до пред две години прераснаа од оваа година во редовни буџети.

Уште една убава вест е што за првапат во нашата земја се отвора Црнодробен центар кој ќе биде во ЈЗУ Универзитетската клиника за Гастроентерохепатологија. Ова ќе биде центар со мултидисциплинарен пристап составен од повеќе медицински експерти од различни области кои ќе се борат да го анулираат црнодробниот карцином, а пред се хепатитисот Б и Ц кои се едни од најголемите причинители, потоа алкохолот, но и најновата пандемија која ни пристигнува од Западна Европа, а тоа е замастувањето на црниот дроб. За жал, последните податоци ни покажуваат дека за 25 до 30% во Европа се зголемува овој проблем, а не сме исклучок и ние како земја поради начинот на живот, храната која ја консумираме, додава Мишковиќ.

Време е, вели, малку повеќе да се обрне внимание на црнодробните заболувања, посебно на хепатитите.

Во моменот се работи и на донација која треба да ја прими Клиника за Гастроентерохепатологија. Станува збор за најсовремен фиброскен кој се користи како златен стандард за да се избегне биопсијата, но и многу побрза детекција, како и утврдување на нивото на оштетеност на црвниот дроб. Мобилен апарат кој може да се користи и надвор од Клиниката, па ќе може да се користи и во руралните области и да се врши прегледи на сите групи на пациенти. Со ова ќе се работи на превенција, додава.

Податоците од 2020 година од СЗО говорат дека црнодробниот карцином е на високото трето место по смртност, а станува збор за превентабилен карцином, за што апелираме на подигнување на свесноста за овие заболувања, бидејќи ако се елимининираат, намалувањето ќе биде од 60 до 70 %. Ако не тогаш веќе ќе имаме рапидно зголемување, што веќе и го имаме, потенцира.

Се надевам ќе бидеме пример на една мала земја која ги следи стапките на одредени развиени земји и допринесува за намалување на бројот на карциноми во нашата земја, додава Мишковиќ.

По повод Светскиот ден на хепатитот, најновите статистики од Светската здравствена организација се дека секојдневно умираат речиси 3000 луѓе од хепатитис Б и Ц секој ден, а на секои 30 секунди еден човек го губи животот од хепатитис Б и Ц.  Навременото тестирање и лекување на хепатитис Б, Ц и Д може да спаси животи, а ако не се лекува хепатитис Б, Ц и Д може да доведе до рак на црниот дроб.  90% од луѓето кои живеат со вирусен хепатитис не се свесни дека го имаат.

Н.С.Ј.