Шест брода полни со туристи денеска упорно чекаа да се истоварат на предвиденото одредиште во Св. Наум, но ниту претпладнево, ниту попладнево не можеа да го направат тоа во договорените термини поради строгите безбедносни протоколи воведени за посетата на претседателките на Македонија и Индија на Охрид.
Персоналот на бродовите вели дека уредно бил известен од безбедносните структури дека ќе можат непречено да пловат и да превезуваат туристи до Св. Наум претпладне до 13 часот, а потоа ќе можат да пловат до и од истата дестинација кон Охрид од 15 часот.
Најпрвин во текот на пловидбата ни беше кажано дека не може да пристанеме во Св. Наум иако бродовите уште во 12 часот беа на рамошното пристаниште. Туристите вараа одговор од нас зошто не може да простигнат до дестинацијата за која платиле уредно карта. Бидејќи не ни беше дозволен пристап се упативме кон Кампинг Љубаништа од каде по 15 часот повторно испловивме за Св. Наум, но и тогаш не им беше дозволен пристап на шест брода полни со туристи, сведочат охридските бродари.
Безбедноста и протоколите кога се во прашање високи гости треба да се почитуваат и тоа е во ред, но истите денеска не беа испочитувани од тие кои се задолжени за тоа, а на штета на стотици гости, додаваат тие, посочувајќи дека охридските бродари постапиле согласно дадените инструкции и ги испочитувале дадените временски рамки за пловидба, но и покрај тоа не им било дозволено да пристапат кон пристаништето во Св. Наум.
Г.М.















