На југоисточниот крај од Охрид на излезот кон Свети Наум се наоѓаат најпознатите македонски извори. Во нивната непосредна близина во 1978 година е изграден спортскиот центар „Билјанини извори“, а истото име го носат блиската градска населба (урбана заедница) и нејзината најстара улица.

Светската слава на Билјанините извори се должи пред сè на легендата за убавата охриѓанка од народната песна „Билјана платно белеше“:

 

Билјана платно белеше
на охридските извори.
Оздола идат винари,
винари белограѓани.

Винари бeлограѓани,
кротко терајте карванот,
да не ми платно згазите,
платното ми е даровно.

Билјано моме убаво,
ако ти платно згазиме,
со вино ќе го платиме,
ем бела лута ракија.

Не ви сакам виното,
тук’ ви го сакам момчето,
што напред води карванот
што фесче носит над око.
Што фесче носит над око
и мене гледат под око.

Билјано, моме убаво,
момчето ни е свршено.
За него вино носиме,
в’ недела ќе го жениме.

Да би го вода однела
и мене ми го донела,
да би го змија к’снала
со мојве долни запчиња.

 

Оваа е најпознатата варијанта на песната од која вообичаено се пеат само првите 18 стихови. Постојат уште многу други пократки и подолги варијанти со сличен текст.

Песната опишува настан од „охридските извори“, а Билјана би можела да биде секоја млада девојка која таму си го белела платното. Одењето до најблискиот извор било секојдневна обврска за секоја жена кога водата била подалеку од домашното огниште. Притоа мора да се има предвид дека значаен дел од социјалниот живот на месното население се одвивал околу изворите; таму се раѓале многу познанства и љубовни приказни.

Другиот клучен лик во песната е млад винар. Тој во љубовната драма зазема пасивен став, оставајќи дијалогот да се одвива помеѓу Билјана и другите винари, додека сиот свој интерес кон девојката го покажува со притаено набљудување. Наспроти сета негова ненаметливост, младиот винар ја претставува оската околу која се врти целокупното дејство во љубовната драма. За него дознаваме уште дека припаѓа на група винари кои во песната се опишани како „белограѓани“!

Белата боја е синоним за безбојноста (бела ракија, бело вино), светлината (бел ден, бели мугри), широкото светло пространство (белиот свет), раскошот (принцот на белиот коњ од белите дворови), исто како и за бледа кожа кај човекот (бела раса). Во времето на настанувањето на песната, а тоа е средината на 19-тиот век или можеби порано, кога македонското население во најголем дел живее во примитивните услови на еден „црно-бел“ свет, да се биде „бел граѓанин“ значи да се има бледа, совршено бела, негувана кожа, и да се живее во варосана куќа, т.е. во белиот град, како чиста спротивност на селаните кои имале потемнета од сонцето кожа и живееле во слабо осветлени и неваросани куќи на прашливите села. Сѐ до средината на 20-тиот век, кога започнува индустријализацијата на македонското општество која носи драстична промена на вредносниот систем, белата боја се сметаше за клучен елемент на совршената убавина. Затоа луѓето се обидувале да постигнат совршено бела боја на телото; затоа во народната поезија имаме „бело лице љубам јас“; затоа Билјана го белеше платното – да биде почисто, поубаво, попривлечно.

„Билјана платно белеше“ е романтична песна за љубовта и убавината. Додека винарите евентуалнoтo оштетување на платното би го оценувале со вредноста на ракијата и виното, Билјана јасно вели: „не ви сакам виното, тук’ ви го сакам момчето“; зашто е младо и бело граѓанче. Древната казнена одредба „око за око, заб за заб“ од Законикот на вавилонскиот цар Хамураби во „Билјана платно белеше“ добива една сосема нова, похумана и повозвишена форма на „одмазда“: бело момче за бело платно, убаво момче за убаво платно. Зашто белограѓанинот е посакуваниот животен сопатник за секоја млада девојка, а белењето на платното е во служба на остварувањето на тој сон.

Универзалната привлечност на „Билјана платно белеше“ се потврдува со влијанието на пошироките географски простори во еден временски период кој опфаќа неколку векови. Романтичната приказна за вљубената девојка од охридските извори и нежните звуци на мелодијата од народната песна ги разбудиле чувствата на бројни вљубенци во народното творештво. Тие потоа го дале својот придонес во ширењето на славата на Билјана, изворите и песната кои меѓувремено станале синоними за Охрид и Охридското Езеро. Поради низа причини, „Билјана платно белеше“ најширокиот прием го нашла кај балканските народи од словенската јазична група; најмногу кај Србите и Бугарите кои географски, историски и културно се најблиски до Македонците. Притоа најголемиот придонес во распространувањето на митот за „Билјана од охридските извори“ го дале српски композитори.

Стеван Мокрањац (1856-1914) е еден од најзначајните српски композитори на класична музика. Неговото најпознато дело е циклусот од петнаесет музички рапсодии со наслов „Китки“ (српски: Руковети), напишани помеѓу 1883 и 1909 година на основа од народни песни од Србија, Босна, Црна Гора и Македонија. „Десеттата китка“ се смета за врвното достигнување во целокупното творештво на авторот. Рапсодијата е напишана во 1901 година и го носи насловот „Песни од Охрид“. Една од тие песни е „Билјана платно белеше“. Вредно за потсетување: во „Десеттата китка“ сите песни се внесени на изворниот македонски јазик. Со тоа, независно од неговите ставови и крајни намери, Мокрањац го промовирал македонскиот јазик во една држава (Кралство Србија до ноември 1918, а потоа Кралство Југославија до април 1941 година) која правела секакви напори за искоренување на истиот тој јазик, сметајќи го за „српски јазик со граматички грешки“.

 

Билјана платно белеше на разлошките извори

 

Во денешно време „Билјана платно белеше“ се поврзува со Охрид како чисто охридска песна. За волја на вистината, охридската е само една од десетиците варијанти на изворната народна песна за која никој не може со сигурност да каже од каде потекнува. Различните варијанти биле запишани во разни краишта на Македонија (Охрид, Битола, Тетово, Галичник, Штип, Беровско, Разлог, Солунско, Драмско, Серез…) и објавени во разни земји во периодот помеѓу 1860 и 1948 година. Македонскиот академик Харалампие Поленаковиќ (1909-1984) проучил 25 варијанти на една иста прапесна за која претпоставува дека настанала во околината на Разлог, пиринскиот дел на Македонија (таму се запишани најмногу варијанти од оваа песна додека градот бил познат по производството на вино). Сите варијанти се изградени на основата на заедничкиот мотив за убавата девојка која белејќи го платното се вљубува во млад винар. Како што се ширела песната од еден во друг крај, народниот пејач менувал делови од содржината, прилагодувајќи ја кон своето опкружување. Во различните варијанти, девојката се вика различно (Љубинка, Ѓургие, Марга, Мара, Димкеа, Јелка, Калина, Милјана, Димка, Магда, Лилјана, Елка или Елкана), но најчесто среќаваното име е Билјана. Истото се однесува на местото на настанот: некаде се спомнуваат студените извори, а во други варијанти е безимена или именувана река (Вардар, Бистрица, Струма…). Варијантите се разликуваат и по бројот на стиховите, исто како што се разликуваат по почетокот и особено по крајот на песната (повеќе за ова види кај Х. Поленаковиќ: „Избрани дела; Студии од македонскиот фолклор“, книга 2, стр. 372-380, Скопје, 1988).

Мокрањац ја избрал охридската варијанта на песната. Jа обработил според својот вкус и преку „Десеттата китка“ ја направил толку популарна што таа ги потиснала во заборав сите други верзии од другите македонски краишта кои никогаш не добиле пошироко географско или повисоко академско значење. Згора на тоа, Мокрањац преку „Десеттата китка“ предизвикал мала културна револуција на пошироките простори и во временски период кој зафаќа и во денешницата. Меѓу другото, името Билјана станало многу популарно на пошироките балкански простори, дури и во Охрид каде порано било речиси непознато.

Српскиот композитор дал придонес и во именувањето на Билјанините извори. Претходно, изворите биле познати како Студенчишта, т.е. големи извори на студена вода. Уште во средината на 19-тиот век, просторот околу изворите бил познато излетничко место со кафеана, привлечно поради природната убавина и пристапно по копно од патот за Свети Наум или преку пловната река Студеница којашто изворите ги поврзувала со езерото. Откако Мокрањац ги промовирал „охридските извори“, преку „Десеттата китка“ која била мошне популарна помеѓу двете светски војни, кај јавноста сѐ помасовно се наметнувала потребата за нивното конкретно идентификување. Со текот на времето, Студенчишта како најзабележителни охридски извори сѐ почесто биле поистоветувани со изворите од „Билјана платно белеше“. Така митот за „Билјана платно белеше“ како „чисто охридска песна“ се надоврзал на митот за Студенчишта како „охридските извори“ од истата таа песна.

Мокрањац им го разгорел интересот на многу други уметници кои ја зголемиле славата на веќе легендарната песна. Посебен придонес дал еден друг српски композитор, музички следбеник на Мокрањац. Тоа е Стеван Христиќ (1885-1958) кој Билјана ја вградил во балетот „Охридска легенда“. Балетот за прв пат бил изведен на 5 април 1933 година и тогаш бил готов само првиот чин. Подоцна авторот допишал уште три чина, со што се оформила крајната верзија на балетот кој така целосно оформен за прв пат бил изведен на 29 ноември 1947 година во Народниот театар во Белград. Во 1967 година балетот бил изведен и на фестивалот „Охридско лето“ во Охрид.

Радиото и телевизијата го овозможиле понатамошното полесно и помасовно популаризирање на Билјана, песната и изворите. На иницијатива на Собранието на Општина Охрид, во 1957 година било формирано Радио Охрид коешто непрекинато дејствуваше сѐ до 2016 година. Долго време радиото своите програми ги започнуваше и завршуваше со една модернизирана инструментална преработка на „Билјана платно белеше“. За ова разговараме со новинарот Милчо Јованоски (1964); тој бил дел од Радио Охрид од 1983 до 2009 година, како соработник, новинар, уредник и директор.

„Мислам дека аранжер беше Димитар Масевски, а изведувач на стилизираната ’Билјана‘ беше Ревискиот оркестар на Радио Скопје. Според Димитар Масевски, мое интервју со него, за прв пат мелодијата стилизирана е употребена во почетокот на седумдесеттите од минатиот век за потребите на ТВ Скопје за емисијата ’Пееме народно, пееме забавно‘. Подоцна, во време на директорството на Благоја Силјаноски во Радио Охрид, некаде во 1973/74 година, тие ја презеле од Радио Скопје и таа станала заштитен знак – авизо на Радио Охрид“ – вели Јованоски.

Преку песната, името на Билјана се врзало за многу други нешта. Кога во 1953 година во Охрид била изградена фабрика за конзервирање земјоделски производи, таа била наречена „Билјана“. Истото име им било дадено на туристичкото друштво и туристичкото биро на Охрид кои функционираа во текот на втората половина на минатиот век. Едно време во Охрид работеше и стоковнатата куќа „Билјана“. Благодарение на влијанието на легендарната песна, името Билјана се вбројува меѓу најупотребуваните женски имиња во Македонија, а сите Билјани и другите жени во поранешна Југославија имаа можност платното да си го обелат со македонскиот прашок за перење „Билјана“ од истоимената фабрика во Скопје. Дури и државната резиденција на македонските претседатели во Охрид го носи името „Билјана“. Редно е да ја спомнеме истоимената охридска винарска визба и фабрика за безалкохолни пијалоци. Тука не се исцрпува списокот; бездруго постојат уште многу други примери за поврзаност со легендарната девојка од најпознатите македонски извори.

Споменот на Билјана е зачуван и во ликовната уметност. Овде како пример може да ни послужи делото на Павле Ѓорѓиевски-Зуфа (1932–2010) од Штип. Тој во 1986 година за охридското текстилно претпријатие „Отекс“ ја изработил скулптурата „Билјана платно белеше“ која била поставена во кругот на фабриката. Потоа, во 2009 година, скулптурата е пренесена во паркот кај Билјанините извори.

Билјана остана да го бели платното само во песната. Денешните охридски девојки платното го добиваат готово, обелено или обоено во вид на производи сошиени во далечни текстилни фабрики. Тоа сепак не им пречи да се прошетаат покрај охридските извори или да запловат по езерото, пеејќи ја „Билјана платно белеше“.

 

А старата песна раѓа нови песни!

 

Поетот Мирослав Кузман (1952) и музичарот Ефто Пупиноски (1953) за фестивалот во Валандово во 1986 година ја напишале песната „Лихнида кајче веслаше“:

 

Лихнида кајче веслаше

по Охридското Езеро.

Наспроти нејзе рибари, рибари,

рибари стари другари.

 

Рибари стари другари,

кротко веслајте кајчето.

Да не ми прајте бранови, бранови,

рацете да си одморам.

 

Лихнида кајче веслаше

по Охридското Езеро.

Тивко си песна пееше:

Билјана платно белеше.

 

Лихнидо, моме Лихнидо.

Ако ти прајме бранови,

со весло ќе ги скротиме.

Скротиме, со љубов ќе те гледаме.

 

Не сакам да ги скротите,

не сакам да ме гледате.

Јас сакам мирно езеро, езеро.

Душата да си одморам.

 

Лихнида кајче веслаше

по Охридското Езеро.

Тивко си песна пееше:

Билјана платно белеше.

 

Пупиноски го освоил првото место на фестивалот и „Лихнида кајче веслаше“ стекнала долгогодишна популарност надвор од границите на Македонија. Тука свој придонес дал и српскиот пејач Мики Јевремовиќ (1941-2017), пеејќи ја песната на српски јазик под наслов „Лихнида“. Причината за големиот успех на песната е очигледна: „Лихнида кајче веслаше“ е изградена на основата на „Билјана платно белеше“. Во новата песна, Билјана е Лихнида, винарите се рибари, карванот е кајче, а наместо белењето на платното овде се јавува веслањето на кајчето.

„Лихнида кајче веслаше“ и со себе Билјана во Бугарија ја носеше. Во 1994 година бугарскиот пејач Панајот Панајотов (1951) наклонетоста на музичката јавност во својата земја ја освоил со песната „Охридското Езеро“. Во превод на македонски јазик, песната би звучела вака:

 

Ги помниш ли, белите бранови,
Охридското Езеро?
Мрежите си ги заплеткуваа рибари,
рибари стари другари.
Рибари – стари другари –
оган навечер си палеа,
во мракот до доцна скитаа сенките –

сенките од легендите.

Ги помниш ли, белите бранови,
Охридското Езеро?
Својата песна ја пееше
Билјана платно белеше.

Ги помниш ли, белите бранови,
Охридското Езеро?
Мрежите си ги заплеткуваа рибари –
рибари стари другари.
Го помниш ли, го помниш ли брегот
ветерот како лудуваше.
Оваа љубов ме враќа пак
во споменот –
кон моето бело езеро.

Ги помниш ли, белите бранови,
Охридското Езеро?
Својата песна ја пееше
Билјана платно белеше.

 

Бранови, рибари, езеро, Билјана платно белеше… Нема место за двоумење; темата и мотивите, дури и мелодијата за оваа песна, се преземени од „Лихнида кајче веслаше“ на Пупиноски. За неа веќе спомнавме дека е инспирирана од „Билјана платно белеше“.

 

Од Охрид до Јапонија и назад

 

Добрата песна не познава препреки. Преку песната, легендата од охридските извори се шири преку континентите и океаните. Со посредството на Цветана Оказаки (родена во Бугарија, живее во Јапонија) добивме податоци за дејствувањето на една посебна музичка група од земјата на изгрејсонцето.

На 29 март 1977 година во јапонскиот град Јокохама група жени формирале друштво за изучување на народните танци од просторите на Балканскиот Полуостров. Четири години подоцна, семинар за македонски танци им одржал еден Македонец којшто им ја пренесол големата љубов кон македонскиот фолклор.

„Наш учител по македонски танци беше Атанас Коларовски. Тој на 15 април 1981 година ни предложи друштвото да го именуваме ’Билјана‘. Ние го прифативме неговиот предлог и оттогаш тоа е нашето официјално име.“ – вели госпоѓата Јаеко Саито, основач и раководител на друштвото.

Во 1983 година јапонската „Билјана“ го посетува Балканот. Од 23 јули до 5 август патува низ Грција и Македонија, а во меѓувреме учествува на фолклорниот фестивал „Илинденски денови“ во Битола; овде се претставува со јапонски песни, македонски танци и со песната „Билјана платно белеше“. Подоцна, јапонската „Билјана“ уште многу пати соработува со Атанас Коларовски. Настапува на фестивали во разни земји и насекаде ја пее „Билјана платно белеше“, на македонски јазик! Авторот на овој текст имаше можност да мине десет дена со членовите на јапонското друштво при нивниот престој во Македонија во 2000 година. Тогаш тие настапија на Балканскиот фестивал за народни песни и игри во Охрид, а меѓу другите песни ја исполнија и „Билјана платно белеше“, пак на македонски јазик.

„Билјана платно белеше“ ја изведувале познати изведувачи на македонска народна музика: Никола Бадев (1918-1976), „Охридски трубадури“ и други помалку или повеќе познати поединци и групи. Најпознатата изведба е на една охридска музичка група која активно работела од 1952 до 2002 година. „Билјана“ била позната музичка група која ја негувала охридската староградска песна и снимила неколку албуми со песни и ора, со кои добила свои слушатели во сите делови на поранешна Југославија. И кога се чинеше дека нивната работа ќе остане само историја, по нивните стапки од 2009 година зачекорија младите музичари од новоформираната охридска група која решила да го носи истото име. Нивниот избор е разбирлив имајќи предвид дека легендата од Билјанините извори е запишана длабоко во свеста на жителите на Охрид од сите поколенија. Тоа го потврдува и охридскиот музичар Митко Колјушевски (1949) кој во 1990 година ја создал песната „Охридски стари трубадури“ под влијание на легендарната Билјана. Неговата песна била обнародена во 1993 година на фестивалот „Серенада фест“ во Битола, по што и таа си го пробила патот кон пошироката јавност, носејќи го насекаде споменот на Билјана и Билјанините извори.

Во Охрид ги викале Студенчишта, Мокрањац ги прославил како охридски, а светот ги препознава како Билјанини. Изворите истекуваат од подножјето на планината Галичица под карпите над кои минува патот од Охрид кон Свети Наум. Водата течела во коритото на реката Студеница и понатаму кон езерото сосема слободно сè додека не се замешала човечка рака. За потребите на градскиот водовод, изворите во најголем дел се каптирани и насочени кон домовите на илјадници охридски семејства, а меѓувремено реката била претворена во пловен канал. Еден дел од изворската вода се употребува во Хидробиолошкиот завод за рибниците во кои за научни цели се одгледуваат пастрмки и други видови риба. Само еден незначителен дел од изворската вода низ посебно изграден отвор останала слободно да истекува кон езерото како потсетник на легендата за Билјана и момчето „што фесче носело над око и неа гледало под око“.

 Мишо Јузмески