Советникот и политичар Дејан Блажески со допис до медиумите побара од пратениците Василески и Арнаудов да си поднесат оставки по емитувцањето на снимката на Тв Телма во врска со настаните од 27-ми април, кога маса народ упадна во собранието и изврши насилстви врз пратеници од парламентарното мнозинство.

„Како долгогодишен учесник во политичкиот живот во Охрид и претседател на политичка партија, барам од пратениците на ДПМНЕ, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов веднаш да си поднесат оставки како претставници на граѓаните од Охрид во законодавниот дом. Имено, по вчерашните снимки неоспорно е несоодветното однесување на пратениците на ДПМНЕ од Охрид. Охридската јавност е згрозена од постапките на гореспоменатите.

Повеќе од јасно е дека за ова покрај правната имаат и морална одговорност кон своите сограѓани заради нарушување на угледот и дигнитетот на гласачите, како и нарушување на угледот на градот. Овие избрани лица, во најмала рака ,мора да поседуваат кодекс на однесување, а да не зборуваме за насилно дејствување или потикнување.

Меѓу другото, барам од надлежните служби од Општа Болница – Охрид да поведат дисциплинска постапка за Василевски и Арнаудов, затоа што повеќе од јасно е дека лекарот нема работно време, напротив тој секогаш е лекар, па дури и тогаш кога му е замрзнато работното место. Сметам дека сериозно е прекршена Хипократовата заклета, од причина што овие двајца лекари наместо да даваат прва помош на повредените, тие даваа инструкции на насилниците како побрзо да стигнат до метите на нападот.“ – изјави советникот Дејан Блажески.

OhridNews