Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ја објави програмата на Научната и уметничка визита 2026, која во текот на август и септември ќе се реализира во Научниот и уметнички центар „Уранија“ во Охрид.

Програмата започнува на 9 август со свеченото врачување на Светската награда за хуманизам за 2026 година на годинашниот лауреат Кристоф Бенедиктер. Свечената церемонија ќе започне во 12 часот во Куќата на Уранија.

Во периодот од 15 до 30 август, љубителите на ликовната уметност ќе имаат можност да ја посетат изложбата на академскиот сликар Таки М. Павловски, на која ќе бидат претставени негови рани дела создадени во текот на 1970-тите и 1980-тите години. Изложбата е поддржана со публикацијата „Монографска едиција – Таки Павловски, 55 години творештво“.

Програмата продолжува од 5 до 20 септември со изложбата „Во светот на небесните асоцијации“ на академскиот сликар Јордан Манасиески.

Со овие настани, МАНУ и годинава ја продолжува традицијата преку Научниот и уметнички центар „Уранија“ во Охрид да организира програми што ги поврзуваат науката, уметноста и културата, збогатувајќи ја летната културна понуда во градот.

OhridNews