Охридската Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ доби вредна донација од Стопанска банка АД Скопје. Станува збор за линеарна сонда, мултифункционална, која е потребна за ЕХО апаратот со кој располага болницата, а со цел подобро дијагностицирање при иследувањата кај мускул на скелетен систем, дојки, тестиси, тироида итн.

– Нашата интензивна соработка со Стопанска банка АД Скопје трае веќе десет години. Ова е втора нивна донација, многу сме благодарни и се надеваме дека соработката ќе продолжи и во иднина. Сето ова се прави во интерес на самите пациенти кои кај нас доаѓаат во голем број не само од Македонија, туку и од регионот, вели директорот на болницата „Св.Еразмо“, д-р Митко Тилев.

Болницата за набавка на апаратот се договори со својот долгогодишен партнер, но и добро познат општествено одговорен правен субјект – Стопанска банка АД – Скопје. Банката, препознавајќи ја потребата од оваа опрема за Болницата и бројните пациенти корисници на нејзините услуги излезе во пресрет и го донираше  апаратот кој стручниот кадар го приспособи и веќе го употребува.

При денешната посета на Болницата, на членовите на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје медицинскиот персонал им ја презентираше опремата и нејзините напредни дијагностички капацитети.

“Во секоја прилика кога гледаме како нашите донации помагаат на голем број на пациенти, нивните семејства, но и на медицинскиот персонал во професионално и соодветно лекување стануваме само повеќе поврзани со локалното население, со регионот, со заедницата и чувствуваме дека сме одговориле на нивните потреби не само со нашите банкарски производи и услуги туку и во подобрување на нивното секојдневие.

Сакам да ве уверам дека Стопанска банка АД – Скопје како финансиска институција со најдолга традиција на пазарот, останува на ваша страна и во постојан конструктивен разговор и во соработка со клиентите.” – изјави Генералниот извршен директор и Претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје, Диомидис Николетопулос.

Вредноста на новата сонда е 470.000 денари. Ова е само дел од новата опрема со која располага болницата каде во завршна фаза се градежните работи за реконструкција на оваа здравствена институција, кои започнаа пред година и половина.

Дијагностичкиот центар веќе функционира, а во тек е и опремувањето на стационарниот дел.

Т.К.