Кучињата наместо миленици, станаа начин за заработка. Сопствениците, судијата и публиката, стискаат палци дека ќе го добијат облогот, но никој не превенира спречување на борбите со кучиња. Напротив, ги поддржуваат. Законот за благосостојба на животните, поточно членот 12 став 1 вели дека „Одгледувачите и/или сопствениците на животни треба да обезбедат заштита и благосостојбата на животните кои се под нивна грижа и да спречат нанесување на непотребна болка, страдање или повреда“. Наместо тоа, активистот за заштита на животните Климент Арнаудов објавува дека до него стигнло сведоштво од лице чиј идентиет не го открива, за масовна борба на кучиња кои доаѓале од повеќе градови, а во неделата се одвивала во Охрид. Засега, точната локација каде се одвивала борбата останува тајна.

Поради опасноста од тоа да ми се закануваат по животот морав да ја цензурирам сликава. Безвредно е да пријавам во полиција, поучен од тоа дека има премногу пријави кои не се процесирани. Во ова грозоморие и полицијата има вмешано прсти. Информациите кои ги имам велат дека полиција дошла, ама биле спречени да делуваат, со тоа, за некого законите важат, а некои лица се над нив“, пишува сведокот на настанот, кој сака да остане анонимен.

Потпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, не е запознаен со настанот. Тој за Макфакс вели дека овие информации мора да ги провери, па да не’ извести во текот на утрешниот ден. Во билтенот на МВР, не е евидентиран ваков настан.

Законот со кои се уредуваат правата на животните е јасен кога се во прашање борбите со кучиња. Имено, членот 4, став 3 укажува дека е забрането вклучување, поттикнување, организирање, рекламирање, одржување, организирање на обложување и обложување меѓу животните за било какви намери. Доколку не се почитува овој член од Законот, според истиот, парична казна може да се изрече само на правно лице. Според членот 67 се одредува глоба во износ од 6.000 евра во денарска противвредност, доколку не биде почитуван членот 4.

Адвокатката Наталија Миленкова, која го застапува Здружението за заштита на животните Анима Мунди, вели дека доколку во тие борби, кучињата се измачуваат или убиваат, тоа веќе влегува во доменот на Кривичниот закон на Македонија и претставува кривично дело за кое следува затворска казна од шест месеци.

„Ова се опасни лица. Оние кои се вклучени во овие борби имаат криминални досиеја. Напоменувам, опасно е. Јавна тајна е фактот дека полициски лица се вмешани, а има луѓе кои тоа го посведочиле, но се плашат да проговорат“, вели за Макфакс, активистот за заштита на животните Климент Арнаудов.

Здруженијата за заштита на животните одамна апелираат за ваквите случувања ширум Македонија. Ако во минатото локациите каде се одвивале борбите беа тајна, тие сега се најавуваат и на социјалните мрежи. Оваа борба со кучиња за која сведочи анонимното лице е само една од низата.

OhridNews
извор Макфакс