Бошко Ѓуровски, помошник-тренер во фудбалскиот клуб Нагоја, за малку го избегна најсилниот земјотрес во историјата на Јапонија, кој го погоди градот Сендаи, кон кој во тие моменти бил упатен македонскиот стратег. Заедно со Ѓуровски, на пат за Нагоја бил и Драган Стојковиќ-Пикси, кој е главен тренер на Нагоја, како и целата екипа на овој јапонски прволигаш.


– Тргнавме со воз на натпреварот против Сендаи во 14 часот по јапонско време и само шест минути подоцна зачкрипеа кочниците и возот застана. На дисплејот се појави предупредување за земјотрес, кој во возот беше околу 3 степени по Рихтер и не беше страшно. Но играчите на Нагоја носат со себе лаптопи и веднаш почнаа да гледаат што се случува во Сендаи. Гледавме вчудовидувчки, неверојатни слики и тогаш нé стигна стравот. Не смеевме да се движиме, ниту да излеземе од возот, едноставно моравме да чекаме цели пет часа – изјави Стојковиќ за српските медиуми.

Ѓуровски и Стојковиќ имале среќа што не тргнале на пат за Сендаи еден ден порано, како што било планирано. Така, за време на несреќата сé уште не биле стигнати во Сендаи, каде што погоди и силен цунами висок десет метри, настанат по земјотресот со јачина од 8,9 степени по Рихтеровата скала, и дополнително го опустоши североисточниот брег на Јапонија.

– Се наоѓавме во возот кога се случи земјотресот. Благодарение на неверојатната технологија, локомотивата застана веднаш, а кога ги слушнавме вестите моравме да се вратиме назад. Седевме на железничка станица и гледавме мачни слики од вистинската катастрофа што ја погоди Јапонија. Преку телевизија видовме како се сруши едно училиште, а брод со сто патници едноставно исчезна. Ова е неверојатно, како да е крај на светот. Водата носи сé пред себе, куќи, автомобили… – сведочи Ѓуровски.

Во текот на завчерашниот ден во Нагоја имаше неколку послаби потреси, но Ѓуровски уверува дека тој и Стојковиќ се безбедни во Нагоја.

– Стојковиќ и јас сме добро. Беше незгодно пред два дена, за жал многу луѓе ги загубија животите, а ние имавме многу среќа. Првенственото коло во Јапонија е одложено првпат во својата историја, но тоа сега не е важно. Жал ми е што многу луѓе ги загубија животите – вели Ѓуровски.

За трагедијата во Јапонија слушнале и Милко, братот на Бошко, и нивната мајка Стојна, која живее во тетовското село Жилче.

– За трагедијата во Јапонија дознав од мајка ми, која ми се јави потресена, бидејќи не можеше да стапи во контакт со Бошко. Сешто ми поминуваше низ глава, но ми олесни кога го слушнав гласот на Бошко – вели Милко Ѓуровски.