За првпат по низа години СДСМ води со 22,4 проценти пред ВМРО-ДПМНЕ, кој има поддршка од 19,8 отсто од бирачите, а лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, со 17,7 отсто води пред лидерот на ВМР)-ДПМНЕ, Никола Груевски, за кого се определиле 13 проценти граѓани од вкупниот електорат, покажува најновиот политички барометар на БРИМА, пренесува „Макфакс“.

Зоран Заев е во предност во сите сегменти од електоратот по етничка линија пред Никола Груевски. Али Ахмети во албанскиот сегмент од електоратот има предност пред Зијадин Села и Билал Касами. За Ахмети како политичар во кого имаат најмногу доверба се определиле 23.8% етнички Албанци, за Зијадин Села се определиле 15.9%, а за Билал Касами 13.9%. Сепак, во вкупниот електорат во најголем број се граѓаните кои немаат доверба во ниту еден политичар (29.8%). Листата е подолга и во следната табела се прикажани позитивните топ 10 места.
Негативна листа на рејтингот на политичарите по изборот на новата Влада

Анкетираните граѓани во истражувањето се определуваа и во кој политичар имаат најмала доверба. На негативната листа на политичари 27.6% анкетирани граѓaни на ова прашање одговорија дека најмалку доверба имаат во Никола Груевски, а веднаш зад него е Зоран Заев со 18.7% негативни гласови. Во сегментот од електоратот што го сочинуваат етничките Македонци Зоран Заев и Никола Груевски на негативната листа се изедначени со по 26.1%. Но Груевски е негативно оценет од страна на 25.6% етнички Албанци наспроти само 0.3% негативни гласови за Заев во овој дел од електоратот. А таква е и „сликата” помеѓу припадниците на електоратот од другите етнички заедници. Помеѓу нив Никола Груевски е негативно оценет од 41.3%, а Зоран Заев од 18.3%. На ниво на вкупниот електорат резултатите од истражувањето покажуваат дека 16.5% од анкетираните за сите политичари имаат негативно мислење.

Истражувањето на БРИМА е спроведено во периодот од 2 до 12 јуни, а биле опфатени 1193 граѓани на возраст од над 18 години.

OhridNews
извор: „Макфакс“