Учениците од ОЕМУЦ“Св.Наум Охридски“ се вратија со бројни награди од 36. Државен натпревар на средните технички училишта од електротехничката, машинската и сообраќајната струка во Република Македонија, што се одржа во Кочани.
На натпреварот учествуваа 140 ученици со околу 100 ментори-наставници од 22 училишта од Република Македонија коишто се натпреваруваа во 13 профили во трите струки.
Во електротехничката струка Дамјан Левески, ученик во трета година освои прво место во образовниот профил електротехничар за електроника и телекомуникации, под менторство на наставниците Душко Савески, Билјана Ристоска и Никола Јованоски, а пофалници добија, Тодорче Џуклески ученик во трета година во образовниот профил електротехничар-енергетичар под менторство на наставниците Владо Јанкулоски, Сашо Георгиески и Владо Марин, и Михаил Ангелески ученик во трета година во образовниот профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика, под менторство на наставниците Гоце Ѓорѓиески, Наум Карамачоски и Радомир Јорданоски.
Во машинската струка пофалница доби Петар Ристески во образовниот профил техничар за компјутерско управување, а под менторство на наставниците Стојан Новески, Владо Суклоски и Танче Танески.
Во сообраќајната струка Тоше Крстевски, ученик во трета година освои второ место во образовниот профил техничар за патен сообраќај, под менторство на наставниците Ѓоко Милески, Наташа Гредоска и Весна Нанеска.
На натпреварот беа претставени и 22 трудови изработки од ученици со поддршка од нивните ментори кои ги заинтересираа сите присутните. Филип Милошески и Јован Цветкоски, ученици во четврта година освоија втора награда за својот труд “Управување на работен дел со ПЛЦ“ под менторство на наставникот Владо Јанкулоски.
Ученици од ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ учествуваа и на државниот натпревар по англиски јазик кој се одржа во Скопје. Високи резултати постигна Андреј Марков, ученик во втора година во образовниот профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика, под менторство на наставничките Елизабета Спироска Милошеска и Мануела Јанкоска Брдароска.
OhridNews















