Поранешниот премиер и министер за одбрана Владо Бучковски кој е под истрага за злоупотреба на буџетски средства нема да биде притворен.

Бучковски, кому надлежна собраниска комисија му го одзема пратеничкиот имунитет, вчера речиси осум часа беше на распит кај судијката Катица Јовановска во Основниот суд 1 во Скопје, која не му одреди притвор.

Ја добивме битката за слобода, продолжува битката за демократија и за правна држава. Мислам дека е ова зрак на надеж дека судството може да одолее на политичките притисоци, изјави Бучковски по распитот во скопска единица.

Во текот на распитот пред Судот беа пратеници од СДСМ, членови на партијата, роднини и пријатели на Бучковски, а имаше и засилено полициско обезбедување.

Бучковски кому надлежна собраниска комисија му го одзема пратеничкиот имунитет, се сомничи дека во времето кога бил министер за одбрана во 2001 ја злоупотребил службената положба при исплата за резервни делови за армиски тенкови, донација од Бугарија, со што и нанел штета на државата од околу 3 милиони евра.

Потпретседателот на СДСМ Игор Ивановски смета дека овозможувањето поранешниот премиер Владо Бучковски да се брани од слобода значи победа на правната држава.

– Денеска во Македонија победи правната држава и разумот над желбата за кршење на процедурите, изјави Ивановски пред седиштето на СДСМ.

Тој соопшти дека  СДСМ денеска поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената должност и фалсификат за претседателката на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања Светлана Јакимовска.

ohridnews