Грција треба да размисли за преименување на солунскиот аеродром „Македонија“, изјави градоначалникот на градот, Јанис Бутарис, за локалната „ТВ Скај“. „Не велам дека треба да се промени името, но јавно го начнувам ова прашање за да размислиме, бидејќи името „Македонија“ го подели целиот свет, а нѐ подели и нас самите. Од тоа губиме сите“, истакна Бутарис.

Според него, аеродромот може да го носи името на познатиот грчки кошаркар Никос Галис, кој е единствената глобално призната грчка личност, влезена и на „Булеварот на славните“. Бутарис како дополнителна причина за промена на името на аеродромот посочи и дека патниците се збунети, бидејќи кога се приземјуваат на аеродромот во Солун сметаат дека доаѓаат во Македонија.

Бутарис ги дефинира како нереални стравовите во Грција од Македонија, бидејќи, според него, проблемот не е Скопје, туку Анкара и сè поголемото турско влијание во регионот. „Денес има реална можност од решавање на проблемот. Секое негово одложување ќе и наштети на Грција. Подобро е да добиеме 50 отсто од нешто, отколку 100 отсто од ништо. Ја загубивме битката во судот во Хаг, не можеме да го задржуваме повеќе НАТО ветото“, рече Бутарис.

Медиумот потсетува дека градоначалникот на Солун категорично го осудил националистичкиот собир во Солун на 4-ти февруари.

OhridNews
Макфакс