Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и до сите православни верници.

  • Славејќи го крштевањето на Господ Исус Христос, го прославуваме нашето духовно раѓање и ја потврдуваме нашата вера. Со осветувањето на водите и објавата на Божјиот лик се осветува човековото живеење во верата и богоугодниот пат. На овој голем ден треба да ги зацврстиме основите на нашето верување, да го зацврстиме нашето единство, да се почитуваме, да си помагаме, да продолжиме по патот на успехот и просперитетот на нашата татковина. И годинава на Водици, да се помолиме Бог да ни даде сила да истраеме пред искушенијата и надеж за подобро утре, се наведува во честитката на претседателот Иванов.

Честитки до верниците за големиот празник и од претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.

  • Празникот Богојавление – Водици повикува да се очистиме од гревовите на алчноста, од гревовите на гневот и омразата. Со крштевањето во осветените води, празникот нѐ повикува да ја прифатиме духовната зрелост, да си простиме и смирено и со љубов да си посакаме добра волја како влог за подобро утре. Нека ни е честит и вековит, големиот христијански празник Богојавление – Водици“, се вели во писмото со честитки на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

OhridNews