„Канцер е трубо фолков, кој сакат нека ми замерит, тој е канцер. Нѐ оддалечвит и од староградската музика, а и од светската музика.“ Ова меѓу другото го истакна светски познатиот џез и фанк музичар Владимир Четкар на гостувањето во поткастот „Имам нешто да ти кажам“, што се реализира во соработка со OhridNews. Освен за музиката Четкар говори и за неговиот пат, а сподели и размислувања за денешницата, Охрид, интересни случки, анегдоти, омилени места во Охрид и во Њујорк и каква содржина треба да им се даде на младите во Охрид и Македонија.

Мораме прво содржина да им дајме на младиве. Морат да имат функционално кино, не морат секој ден нов филм, ама нека си работит киното. Да не се цело време во телефоните, да осетат малку поинакво секојдневие… Голем грев се чинит (мислејќи на условите кои ги имаат младите во државава), то ги осакатвит младите и цело општество за век и веков. – вели Четкар.

За „Младински културен центар“, кој недостига во Охрид, смета дека е прекрасна идеја, која провејува уште од многу порано, ама за тоа „никој да најде време“. -Да ги „разбериш“ беа зафатени со градење и со полнење на општинскиот буџет, со сите влади и генерации наназад е истата игра. – додаде Четкар.

Таа грациозност градов шо ни ја нудит, да си ја најдиме да нѐ инспирират. Да ги уживаме тие најубај места ко Лабино, Св. Наум, Сараиште, Градиште итн. Да го дишиме Охрид, да си се присеќаме на старите случки, да ги цениме и почитуваме старите генерации и наследството. Таа е пораката од мене до младите. Дај Боже да сфатиме дека имат разлика меѓу политика и култура, традиција, историја. – порача Четкар.

Целиот разговор so Владимир Четкар може да го погледнете тука:

Владимир Четкар гостин во поткастот „Имам нешто да ти кажам“

Г.М.