За првпат, преку пилот-проект реализиран во соработка со домашна компанија, Центарот за управување со кризи (ЦУК) воспоставува систем за рана детекција на шумски пожари со интелигентни камери поставени на стратешки локации.

Во моментов се оперативни поголем број камери, а во тек е проширување на мрежата на околу 50 камери, со што значително ќе се зголеми покриеноста на критичните шумски подрачја низ државата. Системот овозможува 24/7 мониторинг од Оперативниот центар на ЦУК, навремено откривање на чад и почетните знаци на пожар, како и брзо известување на надлежните институции за побрза и поефикасна интервенција, посочуваат.

Со оваа технологија, велат, се обезбедува рана детекција на чад и пожар уште во почетната фаза, пред негово проширување; континуиран 24/7 мониторинг без прекин; интелигентни камери со ротација од 360 степени, кои постојано го надгледуваат просторот и автоматски се насочуваат и запираат на точната локација веднаш штом детектираат чад или пламен; автоматско известување преку е-пошта и порака до дежурниот Оперативен центар на ЦУК веднаш по детектирањето на чад или пожар.

Во наредниот период ќе биде воспоставен и звучен аларм во дежурниот Оперативен центар на ЦУК, кој ќе овозможи уште побрзо известување и реакција на надлежните служби. Благодарение на поставеноста на камерите на телекомуникациски столбови, се обезбедува голема територијална покриеност и значително намалување на трошоците за поставување на системот преку искористување на постојната инфраструктура, како и подобра координација на институциите при интервенции преку визуелен увид во реално време во локацијата, правецот на ширење и интензитетот на пожарот.

Додаваат дека се намалуваат штетите и се овозможува поголема заштита на човечките животи, шумите, имотот и природните богатства, како и  интеграција со системот 112, ГИС-платформите и метеоролошките податоци за побрзо и попрецизно донесување оперативни одлуки.

Пилот-проектот ќе послужи како основа за воспоставување национален систем за рана детекција на шумски пожари, кој во иднина ќе придонесе за уште поголема безбедност, поефикасно управување со природните ризици и подобра заштита на населението и природните ресурси, потенцираат од ЦУК.

OhridNews