Студенчишко блато е последниот зачуван блатен систем на Охридското Езеро и треба да се конзервира и заштити, што значи дека тука не треба да има градежни активности, изјави претседателот на Европскиот огранок на Светското друштво на научници за блатни екосистеми Д-р Јос Ферхуфен кој престојува во работна посета на Охрид. Тој истакна дека се уште има шанса да се зачува Студенчишко блато каде живеат голем број птици и животни.

-Прв пат во Охрид дојдов пред 40 години и тогаш немаше патека која го дели блатото од езерото. Многу е важно да се заштити остотокот од Студенчико блато, а не дополнително да се уништува со градење. Сметам дека владините проекти кои се планираат на овој простор ќе го унишатат целосно блатото, но тие можат да се реализираат на друго место без да се уништува блатото. Ова е последното блато кое останало на Охридското Езеро. Слушам дека државата сака да заштити само 5 хектари од него што не е доволно и тоа сигурно ќе значи негово целосно исчезнување во иднина. Блатото е филтер на езерото и дом на многу животински видови кои ги има само на ова место. Неговата функција е исклучителна за еко системот и сметам дека од исклучителна важност е блатото да се зачува за идните генерации. – истакна д-р Ферхуфен.

Еминентниот научник вели дека Студенчишко блато веќе има претрпено многу штета и дека од исклучителна важност е тоа да се ревитализира. Смета дека граѓаните недоволно се запознаени со неговото значење и дека на тоа исто така треба да се работи во иднина.

-Многу би помогнало доколку граѓаните и гостите знаат повеќе за ова блато, да се едуцираат, за што размислуваме тука да се отвори центар за посетители и да им се покаже на луѓето како функционира овој систем. Тој би имал и туристичка намена. Тоа е еден од начините за одржлив развој, односно за заштита на животната средина и екномска придобивка. – додаде д-р Ферхуфен.

Благодарение на заложбите на проф. Ферхуфен, Охрид беше избран за домаќин на годишниот конгрес на Европскиот огранок на Светското друштво на научници за блатни екосистеми
за 2018 г. кој ќе биде организиран во соработка со Хидробиолошкиот завод и Охрид ЅОЅ.

Г.М.

на Светското друштво на научници за блатни екосистеми