Неодамнешната прошетка на планината Галичица на охриѓаните Владо Маркоски и Сашо Тренески, вљубеници во природата и убавините на националниот парк, се претворила во необична спасувачка мисија на штотуку родено срнче.

Сосема случајно тие наише на мало од срна, оставено само и со слаби знаци на живот. Решиле да останат во негова близина и да чекаат, во надеж дека ќе се појави неговата мајка, но откако тоа не се случило во наредниот час, ги известиле вработените во Јавната установа национален парк Галичица.

Во консултација со надлежните, Владо го згрижил времено малото срнче дома, каде покрај семејството друштво му правеле кученцето Астра и мачето Голди. Во меѓувреме тоа добило име на предлог на спасителите и се вика Дарби.

Набрзо срнчето било преземено од вработени во Националниот парк. Уследил преглед кај ветеринарот Тони Танкоски, а по вакцинацијата и соодветниот третман, срнчето е вратено во националниот парк каде сега за него се грижи ренџерот Ѓуро Јовчески, кој на Дарби му обезбеди и привремен дом.

Најважно сега е Дарби да закрепне, а потоа ќе размислуваме што понатаму.  Можно е после рехабилитацијата срнчето да биде пуштено во репроцентарот во националниот парк, а постои опција и да му се направи дом до дирекцијата на паркот, во природен амбиент. Сега Дарби се бори да закрепне заедно со Ѓуро Јовчески и другите вработени во паркот. – велат од Јавната установа.

Од НП Галичица упатуваат голема благодарност до спасителите и нивните семејства, како и до ветеринарот Танкоски кој ја следи здравствената состојба на Дарби. Се надеваме дека најтешките моменти се зад Дарби, и благодарение на добрите луѓе ова срнче ќе живее среќно и долго во Националниот парк Галичица.

Горан Момироски