Претседателот на Хрватскиот фудбалски сојуз и членот на Извршниот комитет на УЕФА, Давор Шукер беше специјален гостин на Редовното генерално собрание на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ),  на кое за нов прв човек во македонскиот фудбал одбран беше Муамед Сејдини. Покрај хрватската фудбалска легенда во Охрид допатуваа Алекс Филип кој е раководителот за управување и усогласеност во УЕФА и Хајди Беха која е менаџер за развој на фудбалот во ФИФА.

Најпрво да ви ги пренесам поздравите од претседателот на УЕФА, Александар Чеферин. Јас сакам да истакнам дека имаме одлична соработка со раководството на ФФМ и со претседателот Муамед Сејдини. Сакам оваа прилика да ја искористам да упатам големо благодарам до делегатите на ова собрание, Општинските фудбалски сојузи и сите чинители во фудбалот, бидејќи вие сте главниот крвоток на македонскиот фудбал. На сите вас сакам да ви честитам и да ви дадам поддршка за успешно справување со новите предизвици кои престојат. – рече Шукер на почетокот од своето обраќање.

Тој се осврна на успесите на А репрезентацијата во Лигата на Нации и општо на фудбалот во Македонија.

А репрезентацијата напредна 90 места на ФИФА рејтинг листата. Го освоивте првото место во една  од четири групи во Лигата на Нации. Со тоа ја вративте довербата кај навивачите и имате историска прилика за пласман на Европското првенство. Јас знам и мене јасно ми е дека на овие простори имаме таков ментатилтет и сите сме многу нестрпливи и секогаш бараме сензационализам и кога не е потребно. – додаде Шукер.

Шукер сумираше дека УЕФА е среќна што има партнер како ФФМ и оти секогаш ќе и пружи рака за поддршка кога е потребно.

Мх.П.

Муамед Сејдини избран за нов претседател на ФФМ во Охрид!