На 83-годишнината од формирањето на Првата македонско-косовска ударна бригада, оддадена почит на борците и најавена обнова на спомен-собата во Белчишта.
Почитта кон борците за слободата се покажува и со грижата за наследството што го оставиле. Со оваа порака денеска во Дебрца беше одбележана 83-годишнината од формирањето на Првата македонско-косовска ударна бригада. Покрај потсетувањето на нејзиниот борбен пат и жртвите за ослободувањето, во фокусот беше потребата од обновување на спомен-обележјата и пренесување на историското паметење на младите генерации.
Чествувањето започна во Сливово, каде што пред спомен-обележјето од Втората светска војна цвеќе положија делегации на Општина Дебрца, предводена од градоначалникот Златко Сиљаноски, Сојузот на борци, Сојузот на ветерани и ОУ „Дебрца“.
За историското значење и борбениот пат на бригадата говореше Гоце Георгиески, претседател на Сојузот на борци на Охрид и Дебрца. Тој порача дека почитта кон минатото е обврска и кон иднината.
Борбата за слобода однесе многу животи. Денес се поклонуваме пред тие жртви и го славиме нивното дело, оддавајќи им почит за пожртвуваноста, храброста, борбеноста и визијата. Без почит кон минатото нема просперитет во сегашноста, ниту подобра иднина. Изразуваме вечна благодарност на загинатите борци кои со своите млади животи и пролеаната крв се втемелија во создавањето на првата слободна македонска држава. Нека им е вечна слава на хероите кои никогаш не умираат, рече Георгиески.
Одбележувањето продолжи со посета на спомен-домот и положување цвеќе пред споменикот на паднатите борци од НОБ и жртвите на фашизмот во Белчишта.
Градоначалникот Златко Сиљаноски ја истакна улогата на Дебрца во борбата за слобода и во поставувањето на темелите на македонската држава.
Нашите предци несебично ги дадоа своите животи за слободна Дебрца и слободна Македонија, за ние денес да можеме да живееме пристоен и слободен живот. Нам, како генерација, ни останува тоа наследство да го негуваме и чуваме, но и да оставиме трага по која ќе чекорат идните генерации, почитувајќи ги овие историски настани и датуми, рече Сиљаноски.

Во име на локалната самоуправа ветувам дека ќе ја обновиме оваа просторија. Жал ми е што тоа ќе се случи првпат по триесетина години. Требаше да наследиме уредени споменици и само да ги одржуваме. Сега мораме да ги обновуваме, а на идните генерации да им оставиме наследство за кое ќе се грижат. Ќе ја уредиме и оваа просторија со богато историско минато, за да остане спомен-обележје за сите нас и за оние што доаѓаат по нас, додаде Сиљаноски.

Нашето искуство, знаење, умеење и посветеност ќе ги вложиме во оваа работа. Се надевам дека ќе успееме во намерата. Во име на ветераните, барањето за обнова му го предавам на градоначалникот, рече Велјаноски.

Ние што потекнуваме од овие краишта отсекогаш сме му посветувале големо внимание на формирањето на бригадата. Училиштето го носеше името на денешниот ден – „11 Ноември“. Ако ништо друго, нека остане објект за паметење. Ќе направиме сè ова да биде свето место, порача Велјаноски.

Фото: галерија:
На 83-годишнината од формирањето на Првата македонско-косовска ударна бригада Дебрца со порака: Слободата ја наследивме, споменот мора да го зачуваме
Н.С.Ј. | Г.М.
Фото: А. Момироска















































































































