Во дел од охридските училишта и покрај ниските утрински температури нема греење. Родителите кои се обратија до редакцијата на OhridNews се револтирани што нивните деца мора да посетуваат настава во студени и незагреани простории.
– Деновиве утринските температури беа околу нулата, вистински зимски температури. Децата кои се прва смена премрзнаа, мора да седат во училишните клупи и понеколку часови, велат родителите.
Од локалната самоуправа информираат дека до нив, пријава дека нема нафта за греење, пристигнала само од основното училиште „Братство Единство“. Објаснуваат дека и покрај нивните напори, дополнителни количини нафта не можат да се набават поради тоа што од страна на компанијата која ги снабдува им било кажано дека на 15-ти април завршила грејната сезона. Според тоа не може да се распише тендер и набави нова количина нафта за потребите на училиштето.
Од локалната самоуправа потенцираат дека не станува збор за недостаток на потребните парични средства за да се изврши набавката.
OhridNews












