Денес во Охрид започнува „Недела на млади 2026“, петдневна програма во организација на Младински Центар Охрид, која од 10 до 14 август носи едукативни, културни, креативни и забавни содржини за младите.

На отворањето ќе биде отворена изложба на младата уметница Стефанија Алачоска, ќе се одржи презентација на младинска размена во Германија, а програмата продолжува со проекција на четири краткометражни филмови од локални автори, по што ќе следува разговор со авторите и неформално дружење.
Во текот на целата недела младите ќе имаат можност да учествуваат во летните школи, да се информираат за можностите за волонтирање и младинско учество, но и да бидат дел од различни културни и рекреативни активности.
Главниот настан во рамки на „Недела на млади 2026“ ќе се одржи во среда, 12 август, по повод Меѓународниот ден на младите, на локација Paulaner, пред хотел „Палас“, со почеток во 20:00 часот.
Официјалниот дел ќе започне во 20:30 часот, со обраќања и свечено доделување на наградите од Конкурсот за идејно архитектонско решение за Младински Културен Центар Охрид. Ќе бидат претставени наградените трудови, а авторите ќе имаат можност накратко да ги презентираат своите идеи. Решенијата ќе бидат изложени и на самиот простор на настанот.
По официјалниот дел, од 21:00 часот следува музичката програма со МЦО Бенд, Броз Бенд, Урбан Планет и DJ Leo, кој ќе настапува од 23:30 до 00:30 часот.
Во текот на вечерта ќе биде поставен и Youth Info Corner, каде младите ќе можат да се информираат за тековните активности на Младински Центар Охрид, можностите за волонтирање, младински програми и начини за нивно активно вклучување.
Годинешното одбележување на Меѓународниот ден на младите се реализира под мотото „Different Contexts, Common Aspirations“, кое ја истакнува различноста на младите, но и нивните заеднички стремежи и визии за иднината.
„Недела на млади 2026“ продолжува до 14 август, со јога покрај езеро, младински круг посветен на волонтерството, завршна презентација на работата од летните школи и Game Night Fest.
Сите активности се бесплатни и отворени за младите.
OhridNews












