​Кога љубовта кон убавината и желбата за создавањето нешто свое ќе се спои со истрајноста, трудот и посветеноста, резултатот е приказна која трае и инспирира. По повод одбележувањето на десетгодишниот јубилеј од постоењето на „Cosmetic Studio Emily“, со сопственичката Емилија Танеска разговаравме за почетоците, предизвиците, трендовите, но и за довербата изградена низ годините со секоја клиентка. Инспиративна приказна за една деценија успех, исполнета со убавина, искрени односи и постојан раст.

ON: Да се навратиме на почетоците. Од каде идејата и желбата за отворање на студиото и која беше вашата визија пред 10 години?

Танеска: Пред десет години донесов една од најважните одлуки во мојот живот, да  започнам сопствен бизнис, водена од љубовта кон убавината и желбата да создадам нешто свое. Почетоците беа исполнети со возбуда, надеж и многу желба за успех. Имав визија да создадам место каде што секоја жена ќе се чувствува убаво, негувано и пријатно. Денес, кога ќе погледнам наназад, среќна сум што од една идеја израсна нешто што трае веќе цела деценија.

ON: Кои услуги ги нуди „Cosmetic Studio Emily“ и каде може да ве најдат клиентките?

Танеска: Во Cosmetic Studio Emily се трудиме да им овозможиме на клиентките моменти на нега, убавина и релаксација. Во нашето студио се нудат услуги за маникир, педикир, третмани на лице, депилација и масажа, со посветеност на секоја клиентка и внимание кон нејзините потреби.

Kлиентките можат да ги следат информациите на нашите официјални профили на социјалните мрежи или да нè контактираат директно. Студиото е лоцирано на булевар „Туристичка“ бр. 63.

ON: Кои беа предизвиците со кои се соочивте на самиот почеток и низ годините?

Танеска: Како и секој почеток, и мојот беше исполнет со предизвици. Кога започнуваш сама, мораш да вложиш многу труд, време, трпение и љубов за да ги поставиш темелите на еден успешен бизнис. Имаше моменти кога не беше лесно, но никогаш не се откажав од она што го сакав. Со текот на годините научив дека успехот не доаѓа преку ноќ, туку се гради секојдневно, со посветеност, искрен однос и желба постојано да бидеш подобар.

ON: Како се чувствувате денес, кога гледате дека студиото прерасна во препознатлив бренд?

Танеска: Чувството е навистина посебно и тешко може да се опише со зборови. За мене, „Cosmetic Studio Emily“ не е само работно место, туку дел од мојот живот, мојот труд и мојата приказна. Најголемата среќа е кога ќе сфатам дека клиентките со години ми ја доверуваат својата грижа и убавина, дека се враќаат и дека ме препорачуваат. Тоа ми дава потврда дека сето она што сум го вложила имало смисла. Благодарна сум за секоја жена што била дел од оваа приказна.

ON: На што се должи успехот на вашето постоење овие 10 години?

Танеска: Верувам дека успехот се должи на љубовта кон работата, квалитетната услуга, посветеноста и искрениот однос со клиентките. За мене, секоја клиентка е важна и сакам секоја да си замине задоволна, со насмевка и со чувство дека добила внимание и грижа. Најголемото богатство на едно студио не е само она што го нуди, туку довербата што ја гради со текот на годините. Затоа сум неизмерно благодарна за сите клиентки кои се со мене од самиот почеток, но и за секоја нова што ја запознав низ годините.

ON: Во оваа професија постојано се менуваат трендовите и техниките. Колку се трудите да ги следите и да внесувате новини?

Танеска: Сметам дека во нашата професија е многу важно постојано да се учи и да се следат новитетите. Светот на убавината се менува, се појавуваат нови трендови и техники, а клиентките имаат сè поголеми очекувања. Се трудам да бидам во тек со новините и да го надградувам своето знаење, затоа што верувам дека секогаш можеме да научиме нешто ново. Мојата цел е да им понудам на клиентките квалитетна услуга, професионален пристап и пријатно искуство секогаш кога ќе дојдат во студиото.

ON: Кога би ги споредиле почетоците со денес, дали сметате дека жените повеќе се грижат за својата убавина и изглед?

Танеска: Дефинитивно забележувам промени. Денес жените посветуваат сè поголемо внимание на негата и изгледот, но и на времето што го одвојуваат за себе. Сметам дека грижата за убавината не е само прашање на изглед, туку и на самодоверба, задоволство и добро чувство. Ми е особено драго што сè повеќе жени ја препознаваат важноста на редовната нега и си дозволуваат моменти во кои ќе се посветат себеси.

ON: Покрај негата и убавината, вашата работа подразбира и секојдневни средби и разговори. Какви се вашите искуства со клиентките што ви остана во сеќавање овие 10 години?

Танеска: Во текот на овие десет години сум запознала многу прекрасни жени и секоја од нив на свој начин оставила трага во моето работење. Некои клиентки со текот на времето станаа многу повеќе од клиентки, станаа драги личности со кои споделуваме разговори, насмевки, радости, но понекогаш и грижи. Токму тие моменти ми покажаа дека оваа професија не е само работа со луѓе, туку и создавање односи и доверба. Најубаво е кога клиентката доаѓа не само за услуга, туку и затоа што се чувствува пријатно и слободно. Тоа е вредност што навистина ја ценам.

ON: Со какви планови влегувате во втората деценија од постоењето? Дали планирате проширување или нови услуги?

Танеска: Во втората деценија влегувам со многу благодарност, но и со желба за понатамошен развој. Сакам да продолжам да го надградувам студиото, да ги следам новитетите и да создавам уште подобро искуство за моите клиентки. Секогаш постојат нови идеи и можности за напредок, а најважно ми е сè што ќе правам да биде со истата љубов и посветеност со кои започнав пред десет години. Верувам дека најубавите приказни се оние што продолжуваат да се развиваат.

ON: Десет години се значаен јубилеј. Како го одбележавте овој успех?

Танеска: Десет години работа се голема причина за благодарност и радост. Јубилејот го одбележавме со пригодна свеченост, споделувајќи ги овие посебни моменти со луѓето кои се дел од мојата приказна – семејството, клиентките, пријателите и блиските соработници. За мене, ова не беше само прослава на десет години постоење на студиото, туку и можност да им се заблагодарам на сите што ми дадоа поддршка, што ми веруваа и што беа дел од мојот пат. Секој од нив има свое место во оваа приказна и искрено се надевам дека заедно ќе создаваме уште многу убави спомени.

ON: Која е вашата порака до младите претприемачи и козметичари кои сакаат да започнат сопствен бизнис?

Танеска: Мојата порака е да веруваат во себе и во она што го сакаат, но и да бидат подготвени многу да учат и да работат. Не е секогаш лесно да започнеш нешто свое, но со упорност, трпение, искреност и љубов кон професијата може да се изгради нешто вредно. Не треба да се плашат од почетоците, затоа што секој голем успех некогаш бил само една мала идеја. Најважно е никогаш да не го заборават квалитетот, човечкиот однос и почитта кон луѓето кои им ја даваат својата доверба.

Фото галерија:

Десет години „Cosmetic Studio Emily“

OhridNews Promo