Студентите на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ вешто го искористија знаењето кое го стекнуваа за време на студиите. Овој пат, направија одличен гест за децата со пречки во развој од дневниот центар „Зраци“, со тоа што изработија хуман проект кој значително го олеснува нивното учење и извршување на дневни активности.

Проектот е насловен „Учиме низ забава“, бидејќи студентите ги споија „неспоивите“ работи „учење и забава“, во една целина. Преку интерактивната и забавната апликација,  дечињата ги осознаваат, изучуваат, помнат и извршуваат тековните активности во рамките на институциите кои ги посетуваат и во своето секојдневие.  

Оваа апликација претставува дигиталната алатка која го олеснува процесот на едукација кај децата со посебни потреби, го подобрува умствениот напредок и понатамошното развивање на децата. Таа претставува чекор напред, кој го води воспитно-образовниот процес кон модернизирање и усовршување.

Вчера, апликацијата беше предадена во дневниот центар „Зраци“ во Охрид, со основна цел за поедноставено совладување на наставната програма кај дечињата, преку забава. Освен во Охрид, апликацијата беше презентирана и во основното училиште за посебни потреби „д-р Златан Сремец“ во Скопје.

„Особено ме радува тоа што дечињата учењето ќе го поминуваат низ игра. Тие ќе бидат оспособени полесно да се прилагодат кон општеството преку полесното совладување на различни активности во самостојно живеење, тие ќе учат преку забава. Нивното секојдневие ќе биде исполнето со смеа и радост“ – изјави дефектологот Зоран Костадиноски од „Зраци“.

Најголемо задоволство за студентите на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ ќе биде моментот кога ќе ги видат насмевките на дечињата поттикнати од нивниот вложен труд за изработка на апликацијата. УИНТ „Св. Апостол Павле“ освен што им овозможува највисоко ниво на образование и меѓународни можности на своите студенти, секогаш се обидува со своите проекти, да ги подобри условите за живот во општеството.   

OhridNews