Сензационалистичкото објавување на непроверени информации од страна на одредени медиуми, за наводно будење на вулкан кај Косел, подрачје кое според геолозите не е активно повеќе од 15 милиони години, може да предизвика сериозни штети на туризмот во Охрид и Струга, стравуваат туристичките работници. Тие се во постојан контакт со деловните партнери во странство со цел да ги уверат дека вознемирувачките информации пласирани во одредени медиуми се невистинити и не постои реална опасност за некаква природна катастрофа.

Испративме дописи дека таа информација за избувнување на вулканот не е точна. Веќе има информации во Србија, Бугарија, Турција, други земји со кои имаме соработка и во Холандија исто така.- изјави Крсте Блажески од ХОТАМ.

Тој истакна дека во Србија утрово била емитувана емисија посветена на наводите за активирање на вулкан во Косел, во која било објаснето дека појавата на зголемено испуштање гас од сулфатарата во Косел е предизвикана од натрупениот шут и палењето отпад. 

Кузманоски смета дека многу подобро би било сулфатарата Дувало во Косел да се афирмира и искористи во туристички цели, посочувајќи дека ова место е безбедно за посетителите. 

-Би сакал тој „вулкан“ еден ден да стане туристичка атракција, затоа што ни е нешто уникатно што го немаме на друго место во државата.-додаде Блажески.

Пред два дена од сулфатарата во Косел дојде до зголемено испуштање на пареа (чад), што според стручните лица претставува нормална природна појава предизвикана од затрупување на отворите на оваа поствулканска појава со отпад и песок. Тие се децидни дека таа не претставува опасност ниту по луѓето, ниту по околината и упатија апел до медиумите да не се изнесуваат дезинформации во јавноста во врска со сулфатарата Косел.

Г.М.