ДИК апелира до сите политички партии да се воздржат од ангажирање политички активисти кои би можеле да го нарушат изборниот процес.
Ова е заклучокот што доцна синоќа го усвои со четири гласови „за“ и два „против“ , Државната изборна комисија во врска со доставената информација од страна на Министерството за внатрешни работи, како и пропратното писмо од ВМРО-ДПМНЕ според кои опозициската СДСМ ангажира активисти коишто би можеле да го нарушат изборниот процес на 5-ти јуни.
Министерството за внатрешни работи утврдило дека 29 лица од списоците на СДСМ од проект „пет најсилни членови за“ ткн проект „чувари на изборната победа“, минувале низ криминалната евиденција на министерството.
Претходно Комисијата не го усвои предлогот на нејзиниот претседател Борис Кондарко којшто побара ДИК да го задолжи Министерството за внатрешни работи исто како што ги проверувало списоците на активистите на СДСМ, според истиот принцип да се испитаат и сите политички партии кои имаат членови во избирачките органи. Тој, исто така, побара да се провери и целокупната државна администрација којашто ќе членува во избирачките одбори.
Кондарко рече дека неприфатливо е и несериозно министерката за внатрешни работи во еден момент да биде професионалец и да предводи институција а во друг момент да биде носител на кандидатска листа на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на ДИК додаде дека овие лица за кои доставило информација МВР, се’ уште не е правосилно осуден.
Во врска со пропратното писмо на ВМРО-ДПМНЕ за истиот случај, Кондарко се изјасни засебно и оцени дека ДИК не е надлежно да расправа за тоа, бидејќи според него, оваа информацијата не го загрозувала изборниот процес.
„Тоа е внатрепартиска работа. Опозицијата ниту може да му вети што и да е, и ДИК не треба да расправа по оваа точка. Тие на доброволна база се членови на партија.“, рече Кондарко.
извор: „Макфакс“










