Расправијата помеѓу ученици од ОЕМУЦ Св Наум Охридски – Охрид, што прерасна во оружен инцидент, во кој бил употребен импровизиран пиштол, ја предизвикал примерен ученик. Во инцидентот полесно се повредени двајца ученици, кои се згрижени во охридската болница. Наставата е прекината.

За време на големиот одмор, при препирка на двајца ученици едниот извадил импровизиран пиштол и испукал некој проектил. Што точно се случило ќе покаже истрагата. Момчето што го предизвика инцидентот е многу добар ученик и навистина ме зачудува од каде толкав револт да се одлучи на таков чекор. – изјави директорот на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ Сашо Недески.

Истрагата која е во тек треба да ги расветли мотивите за немилиот настан во охридското средно техничко училиште, што ја вознемири јавноста. На местото на настанот извршен е увид, а Јавното обвинителство информираше дека поради специфичноста на случајот детали ќе соопшти во текот на утрешниот ден.

Г.М.