Од Државната комисија за спречување на корупцијата по повод реакциите на повеќе здруженија во Северна Македонија, како и и Иницијативата од здружението „Граѓанска иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД“ доставена до ДКСК во однос на предлог измените на Изборниот законик со кои се зголемува прагот на собрани потписи за поднесување на листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник кога подносител е група избирачи велат дека од аспект на своите надлежности, ДКСК секогаш укажува на потребата од голема транспарентност и инклузивност на поголем број чинители во процесите со кои се носат одлуки кои за ефект имаат ограничување или намалување на со Устав загарантираните права на граѓаните на Република Северна Македонија.
Носењето на измените во Изборниот законик непосредно пред започнување на изборниот процес се спротивни на препораките дадени во Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за Локалните избори 15 октомври и 29 октомври 2017 и на добрите практики со кои се препорачува стабилна изборна рамка. Имено, Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР укажува дека промените на Изборниот законик во 2017 година донесени во скратена постапка, без широки консултации се во спротивност со обврските што произлегуваат од членството во ОБСЕ и се препорачува стандардизирање на потребниот број на потписи за независните кандидати на најмногу еден процент од регистрираните гласачи во согласност со меѓународните добри практики, но и да се размисли за обезбедување алтернативни методи за прибирање потписи, со цел да се намали потенцијалот за заплашување, се наведува во соопштението на ДКСК.
Носењето на измените во Изборниот законик по „ултра“ скратена постапка, според ДКСК, се исто така спротивни на мерките и активностите, што во рамките на Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси, ДКСК ги достави до Собранието и Владата на РСМ како институции задолжени за нивно реализирање.
Забрзаниот и нетранспарентен начин со кој Владата на РСМ, Собранието на РСМ и поголемите политичките партии се обидуваат да го зголемат прагот на собрани потписи за поднесување на листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник кога подносител е група избирачи, од аспект на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, ДКСК го оценува како класичен пример на политичка корупција. Предложените измени ќе овозможат зголемено влијание на политичките партии врз советниците при носење на одлуки во интерес на партиски цели, со истовремено намалување или анулирање на учеството и влијанието на поединци и граѓанските здруженија во општинските совети при носење на одлуки кои директно се однесуваат на квалитетот на животот на граѓаните во една општина, велат од ДКСК.
Имајќи ги предвид дадените препораки и досегашното постапување на повиканите институции за нивно спроведување, поради фактот што во конкретниот случај се работи за системски закон, начинот на кој се настојува да се извршат измените во Изборниот законик, ДКСК го оценува како суштинско нарушување на владеење на правото, наспроти декларативната заложба на политичките партии за негово унапредување.