На педесеттина дипломци од Факултетот за туризам и угостителство, попладнево на Плаошник, свечено им беа доделени дипломите за завршено високо образование.

Како што истакна деканот на ФТУ професор д- р Сашо Коруноски, дипломите се доделуваат токму на најсветото место поврзано со образованието и знаењето, со науката, поврзано со луѓето кои живеат на овие простори.

Денес промовираме уште една генерација на дипломирани студенти од Факултетот за туризам и угостителство. Симболично сакаме да кажеме- ако пред еден милениум Теофилак запишал дека 3500 ученици поминале низ Климентовата школа, на денешниот ден 50- тина дипломирани студенти повторно ќе влезат во историјата на градот и Македонија, рече Коруноски.

Дипломираните студенти оптимисти дека добиените дипломи ќе им го отворат патот до соодветните работни места.

За мене ова е многу значаен чин. Дипломите се само почеток за да најдеме работа и да бидеме поуспешни. Се надевам дека ќе најдам работа во Македонија, вели Даниела Топузоска.

Оптимист сум и се надевам дека дипломата нема да биде само парче хартија. Завршив со три години, планирам да се запишам и четврта година. Завршив на насоката осигурување и се надевам дека ние помладите генерации ќе имаме можност да придонесеме осигурувањето да го издигнеме на едно повисоко ниво, изјави дипломираната студентка Елена Вељаноска.

Проректорот на унивезритетот „Св. Климент Охридски“, проф. Д- р Пере Аслимоски на дипломците им посака понатамошен успех и што поскоро да дојдат до саканото работно место.

Наша и ваша крајна цел е да стекнувате знаења и вештини со кои во иднина полесно ќе го пронајдете патот до работното место во компаниите. Од друга страна и компаниите се мотивирани да се потпрат на вашата нова енергија како услов за да можат да одговорат на предизвиците кои се случуваат во светот на бизнисот, рече Аслимоски.

Проректорот нагласи дека тоа што во високообразовниот простор во Македонија во последните неколку години се создадоа повеќе сродни високообразовни институции и се зголеми конурентноста, само ја потврдува поентата дека ФТУ е еден и единствен, препознатлив по својата пет децениска традиција и квалитет во создавањето на кадри и по својата прилагодливост и ориентираност кон потребите  и барањата на новото време.

Т.К.