На најдобрите 13 дипломирани студенти на инженерските факултети во Република Македонија, денеска на платото пред Светиклиментовиот храм „Св. Пантелејмон“ на Плаошник им беше доделно признанието „Инженерски прстен“ за 2014 година.

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во своето обраќање пред присутните истакна дека научниците и инженерите се вистински двигатели на напредокот на секоја земја и на светот воопшто.

-Живееме во можеби највозбудливото време за науката, техниката и технологијата. Време кога Република Македонија целосно и посветено се вклучува во глобалната трка за знаење, иновации и креации. Успехот на оваа трка се мери во бројот на нови технологии, изуми, решенија и патенти. Се мери со нивото на техничко-технолошкиот и материјалниот напредок на општеството и економијата. Но сето тоа зависи од главниот ресурс, а тоа сте вие, нашите млади образувани, иновативни и креативни инженери. Луѓе со отворен ум и поглед насочен кон идината, рече Иванов.

Тој ги повика младите инженери, со својот интелектуален капацитет и личен успех да се вклучат и да придонесат во севкупниот успех на Македонија.

Од име на наградените студенти се заблагодари Благоја Атанасовски, кој рече дека „Инженерскиот прстен“ за сите нив претставува мотив за идно надградување.

-Оваа награда за нас претставува поттик да продолжиме со нашата упорност, да го даваме секогаш најдоброто од нас, да истражуваме за нови можности, да придонесеме со нашите дела кон развојот на нашата земја и да го пренесеме нашето знаење на следните генерации. Вложениот труд и сите наши напори во нашите студии добива значајна потврда и знак да продолжиме во нашата надоградба, истакна Атанасовски.

Традиционалната манифестација „Инженерски прстен“ која годинава се одржуваше по 11 пат, претставува поттик за изучување на инженерството и придонес за формирање квалитетен инженерски подмладок, компатибилен со развиените земји.

Е.М