“Со гордост можам да кажам дека денес Свети Еразмо е водечка здравствена установа од областа на ортопедијата, трауматологијата и медицинската рехабилитација во Македонија, за што потврда се илјадници успешно лекувани пациенти од земјава и странство”, изјави за Ohridnews.com в.д. директорот на болницата доктор Митко Тилевски по добивањето на општинската награда Свети Климент Охридски за 2006 година. Тилевски истакна дека Свети Еразмо е единствена болница во државава со позитивно финансиско работење години наназад, што доби и највисоко мислење од пациентите за оценка на квалитетот на медицинските услуги во истражувањето на проектот спроведен од Светската банка, министерството за здравство и Заводот за здравствена заштита.


“Свети Климентовата награда не е само чест туку и голема обврска за нас за постигнување поголеми резултати во иднина. Ние и натаму ќе работиме на императивот, да им даруваме здравје на пациентите, чие лекување е и смислата на нашето постоење”, изјави Тилевски за Ohridnews.com.
Свети Еразмо е единствена специјална болница за ортопедија и трауматологија во Македонија, што постои од 1950 година. Денес таму работат 38 лекари и друг медицински персонал. Позната е по долгогодишното практикување на методот на професор Илизаров за продолжување на екстремитетите, а таму се изведуваат и зафати за поставување на протези на колк и вештачко колено, операции на деформитети на кичма, има оддели за церебрална парализа и параплегија и за комплетна медицинска рехабилитација. Соработува со повеќе болници во регионов и Европа, а од почетокот на идниот месец треба да започне со изведувањето на операции на кичма во соработка со врвен стручњак, лекар од Швајцарија. Освен пациентите од државава во Свети Еразмо се лекуваат и пациенти од земјите во регионов, меѓу кои најбројни се од Албанија И Косово.