Предлог одлуката за исплата на долгот на ОУ„Григор Прличев“ кон ЕВН Македонија за потрошена електрична енергија, на денешната, 71-ва седница на советот, предизвика долга расправа, со многу меѓусебни обвинувања.

Советниците од опозицијата обвинија дека за 4 години не се решил проблемот со блокираната сметка на „Григор Прличев“ и дека градоначалникот воопшто не го информирал советот за преговорите за одблокирање на сметката.

– Нашиот мандат изминува, ние за четири години не најдовме решение за овој горлив проблем кој влијае врз работењето на општина Охрид. Кога пред две и пол години, за прв пат се носеше ваква одлука, кажавме дека ќе ја подржиме. Но, не и во овој момент. Доста беше ставање на проблемите под тепих. Четири години немавте начин да го решите проблемот. Колку и да беше голем, требаше да се седне со спротивната страна, овде да објасните кога носевме вакви одлуки, да не запознаете до каде е работата. Ако денес не реагиравме, повторно ништо не ќе се кажеше, рече советникот од СДСМ, Јован Стојаноски.

Градоначалникот Никола Бакрачески, потенцира дека иако станува збор за долг кој датира од пред повеќе од две децении, поради достасаните судски решенија, на неговото решавање се работи постојано во изминатите три години, се со цел да се овозможи непречено работење на основното училиште.
 
– Има физичко и правно лице кои се со поголеми суми барања и затоа се договоривме дека треба да се издвојат средства од буџетот, што и го направивме, за да се направи деблокирање на сметката. Со едната компанија договорот е веќе постигнат, но за да се изврши деблокада на сметката треба да се извршат сите обврски, ако едно извршно решение стои кај извршител, сметката и понатаму ќе биде блокирана. Со сопствениците на земјиштето имаме недоразбирање околу начинот на пресметка на каматата на основниот долг, за што судската одлука е многу јасна и треба да се пресметува есконтна стапка која според вештите лица е толку колку што ја пресмета и општина Охрид. Правниот застапник на сопствениците на земјиштето смета дека треба да се пресметува законска затезна камата која е многу поголема. Се надевам дека правните застапници на општина Охрид и на лицата кои ги побаруваат средства ќе најдат конечно решение околу толкувањето на судската одлука и дека во наредните неколку дена ќе биде решен овој проблем. Не можеме да плаќаме повеќе од она што е одлучено и содржано во судската одлука, рече градоначалникот Бакрачески.

По долга расправа која беше прекината од страна на претседателката на советот, Гордана Коњановска, со мнозинство гласови предлог одлуката беше прифатена.

Поради долг кон ЕВН Македонија, во 2014 на основното училиште „Григор Прличев“ му беше исклучена електричната енергија, а по основ на судско извршно решение за исплата на надоместок за експропријација извршена во 1989 година во дворот на училиштето, имот во државна соспственост, а чиј корисник е „Григор Прличев“ жиро сметката беше блокирана. При тоа, не можеше да се подмират обврските за потрошена електрична енергија. Со цел решавање на проблемот, советот на општина Охрид донесе одлука со  која локалната самоуправа се обврза да ја преземе исплатата на долгот за потрошена електрична енергија.

На денешната седница на советот, со мнозинство гласови беа усвоени повеќе извештаи за реализација на развојни програми за периодот од 01.01 до 31.03, како и предлог одлуката за продолжување на работното време на угостителските објекти, за измена на распоредот на средствата во Буџетот на општина Охрид за 2017 година, за усвојување на измените на програмата за културни манифестации и творештво за 2017 година.

Предлог одлуката за усвојување на годишниот извештај за реализација на програмата за развој на Југозападниот плански регион и тековното работење на Центарот за развој и финансискиот извештај за 2016 година, не беше усвоена.

Т.К.