Воведувањето на забрана за паркирање на просторот околу катедралната црква Св. Софија, што деновиве беше ограден со бетонски столпчиња од страна на локалната самоуправа, предизвика хаос во сообраќајот во стариот дел на Охрид, се жалат мештаните. Тие велат дека никој не ги известил за затворањето на еден од малкуте паркинг простори во старот дел на Охрид, што според нив негативно се одразува на нивното секојдневно живеење, но и на туризмот.
-Не може пожарна да дојде, две возила не можат овде да се разминат, несфатливо е што се направи. Тука деновиве брза помош не можеше да помине и да стигне до пациент.-изјави Пере Ѓурче, жител на Стар град.
–Туристите се научени да доаѓаат со возила трба и за тоа да е води сметка, дали ќе доаѓаат или ќе доаѓаат пеш? Ова е комплексно прашање и би ги замолил службите инволвирани во оваа работа да решат и да се договорат што понатаму. – вели Круме Каневче.
-Со големи тешкотии се справуваме со проблемот, напред – назад, а тоа влијае на економијата, само бензин трошиме.-рече Ставре Боев.
Жителите од стариот дел на Охрид сметаат дека сообраќајниот режим во овој дел од градот е несоодветно решен и бараат враќање на рампите кои го регулираа влезот на возила во заштитеното градско јадро.
– Пред неколку години имаше рампи кои добро функционираа и бевме задоволни. Би апелирал да се вратат пак бидејќи имаше некаква регулација во тој период и гужвата и притисокот беше помал во овој дел на градот.-истакна Емил Јовановиќ, жител од Стар град.
Градоначалнилкот Бакрачески вели дека ги разбира реакциите на мештаните бидејќи во стариот дел на градот недостаува паркинг простор, но обврска на општината е да го заштити вредното културно наследство.
–Треба еднаш засекогаш да се справиме со онаа грда слика на паркирани возила до самите ѕидини на црквата, а со тоа им беше оневозможен пристап на гостите до црквата и да го доживеат амбиентот, да направат по некоја фотографија и да го комплетираат нивниот впечаток за градот Охрид и овој културен спомненик.-изјави Бакрачески.
Бакрачески уверува дека општината интензивно работи на изнаоѓање решение за проблемот со паркирањето во овој дел од градот. Како алтернатива се размислува за адаптација на пристапот до летната сцена Долни Сарај во паркиралиште за локалните жители, за што во тек се разговори со управата на фестивалот „Охридско лето“, под чија надлежност е овој простор.
Г.М.















