Во организација на Здружението за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н. во рамки на проектот „Избери страна“ финансиран преку Глобал Греен Грантс Фунд, денес, во Скопје ќе се одржи тркалезна маса на тема „Влијанието на планираните инфраструктурни проекти врз биодиверзитетот во охридско-преспанскиот регион“.
На настанот учество ќе земат експерти од цела Македонија, а специјален гостин ќе биде проф. д-р Јос Ферхуфен, претседател на Европскиот огранок на Светското друштво на научници за блатни екосистеми кој ќе има свое обраќање за важноста и скапоценоста на блатните екосистеми со посебен акцент на Студенчишкото Блато.
– На тркалезната маса ќе биде презентирана анализа на биодиверзитетот на регионот насловена „Охридско-преспанскиот регион на крстопат помеѓу синилото и сивилото“, која за потребите на проектот ја изработи проф. д-р Трајче Талевски. Во анализата се проценети природните вредности на регионот, што е тоа што го прави уникатен поради што има статус на светско природно наследство, како и кои се заканите од планираните инфраструктурни проекти, информираат организаторите.
Додаваат дека заклучоците од тркалезната маса ќе бидат доставени до сите релевантни домашни и меѓународни институции со цел да се направат заеднички напори да се зачува интегритетот на регионот и да се спречи негово уништување.
OhridNews












