Ротари Клуб Охрид, донираше компјутерска опрема за основното училиште „Братство Единство“, наменета за децата со посебни образовни потреби кои се во редовна настава во училиштето. Компјутерската опрема се состои од технички средства во вид на лап топ, фотокопир, печатар, ламирка и останати потрошни материјали.

Донацијата беше остварена по претходна консултација со управата и стручното лице–дефектолог, кое секојдневно работи со децата, со цел да се придонесе кон полесно и побрзо совладување на образовниот материјал.

Оваа донација е дел во низата донации од годишната програма на Ротари Клубот Охрид која е посветена на помагање на институции и организации кои работат со деца со посебни интелектуални, физички и образовни потреби во нашиот град и околината.

Од Ротари клубот изразуваат благодарност до директорот на училиштето и дефектологот кои им овозможија да дадат скромен придонес во нивната институција, а воедно повикуваат кон зголемување на јавната свест за реализирање активности кон конкретни групи на кои и најмалото внимание им е од огромно значење во остварувањето на нивните секојдневни потреби.

OhridNews