Демократската Унија за Интеграција со голема загриженост ги следи денешните случувања во Куманово и постојано апелира и се залага кај граѓаните за ладнокрвност и да не подлегнуваат на било какви провокации, пишува во соопштението кое партијата го објави на својата официјална веб страница.
 
-Демократската Унија за Интеграција смета дека денешните настани во Куманово, но и тие претходните во Гошинце и експлозијата пред седиштето на ДУИ како и други, се дејствиа што се во целосна спротиставеност со стратешките определби на Албанскиот народ како во Македонија, така и на Косово, во Албанија, и Прешевската Долина. Ние сме убедени дека само една стабилна и сигурна Македонија може да биде од полза на целиот регион и дека ниту една дестабилизација на земјата не е во интерес на Албанскиот народ во регионот, се вели во соопштението.
 
Во него се потенцира дека Албанците во Македонија имаат однапред определена агенда и се во содејство со САД; ЕУ и НАТО и сакаат да ја видат земјава со целосна еднаквост на граѓаните, со добри меѓуетнички и меѓусоседски односи, во мир и стабилност како и зачленета во НАТО и интегрирана во Европската Унија.
 
-Ги повикуваме медиумите и опинионистите да демонстрираат голема одговорност во ова многу деликатно време и да се воздржат од понатамошно поттикнување на тешлката ситуација. Граѓаните на Куманово и посебно на населбата каде што се одвиваа денешните настани треба да останат мирни и да не подлегаат на разни дезинформации. Истовремено, Министерството за Внатрешни Работи треба да постапува со целосна одговорност кон чуствителноста на безбедносната и политичката ситуација, велат од ДУИ.

OhridNews