Со државнички активности, Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одбележи 20-годишнината од авионската несреќа во која животот го загуби поранешниот претседател, Борис Трајковски, членовите на неговиот кабинет и екипажот на авионот.

Во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина на спомен обележјето каде што се случи несреќата, во 10:00 часот ќе положат цвеќе претставници од Владината делегација составена од министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска и Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање како и претставник од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, полковник Билјана Блажеска, аѓутант на Претседателот на Република Северна Македонија.
Во Ротимље ќе присуствуваат и високи претставници од Босна и Херцеговина.
Во Струмица, со почеток во 10:00 часот на споменикот на поранешниот претседател Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат цвеќе делегацијата од Владата предводена од Јованка Тренчевска, дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика, заедно со Кирил Парталов, државен секретар во Министерството за локална самоуправа.
Под покровителство на Владата на Република Северна Македонија, вечер во Националната опера и балет ќе се одржи Комеморативен концерт по повод 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и неговите соработници.
Диригент на концертот е Иван Еминовиќ, режисер на настанот е Љупка Јакимовска, а хор-мајстор Ѓурѓица Дашиќ.
Ќе настапат солистите од Националната опера и балет: Сандра Митровска, сопран, Марика Поповиќ, мецосопран, Јаворка Витанова, солист од хорот во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет. На програмата ќе се изведат дела од В. А. Моцарт, Р. Леонкавало, Џ. Верди и Р. Аврамовски.
Настанот ќе биде збогатен со видео и аудио содржина за која се употребени материјали од архивската документација на МРТВ – документарецот „Верувам во Македонија“, како и фото и видео материјали обезбедени од Фондацијата „Борис Трајковски“.
Во авионската несреќа, што се случи на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.
OhridNews











