Единаесет години градба, повеќе влади и министри, менување рокови, застои, проблеми со изведбата и милиони евра државни пари. Затворениот пливачки базен во Охрид, чија изградба свечено започна во ноември 2015 година, сè уште не е завршен.

Во меѓувреме, дел од изграденото веќе го нагризува забот на времето, а Охрид, градот на пливачките легенди и Охридскиот пливачки маратон, повеќе од една деценија го чека објектот што требаше да создаде услови за целогодишен развој на пливањето и ватерполото.
Сега стигнува уште едно ветување. Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, во изјава за медиумите открива дека во Општината веќе е поднесен нов проект за одобрување, по што треба да следува тендерска постапка за довршување на базенот.
Не само што ќе се заложам, туку сериозно сум посветен на оваа работа. Не е директна ингеренција на локалната самоуправа. Можам само една работа да ви кажам како новост. Веќе е аплициран новиот проект во Општина Охрид за одобрување. Штом го одобриме, следува тендерската постапка за довршување на работите кои не се завршени во затворениот пливачки базен и очекувам во рок од една година да биде завршен, вели Пецаков.

Според него, откако ќе започне тендерската постапка и ќе биде познат изведувачот, заедно со министерот за спорт ќе бидат соопштени деталите за преостанатите работи, меѓу кои значаен дел се машинските системи и начинот на загревање на водата.
Светлото на крајот од тунелот се гледа, оценува Пецаков.

Од 30 месеци до 11 години
Историјата на затворениот базен, сепак, повикува на претпазливост со роковите.
Тендерот за изградба беше објавен на 1 јуни 2015 година. Тогаш проектот беше проценет на околу пет милиони евра, а инвеститор беше Агенцијата за млади и спорт.
На 12 ноември истата година, во присуство на тогашниот премиер Никола Груевски, градоначалникот Никола Бакрачески и директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески, свечено беше означен почетокот на изградбата. Беше најавено дека комплексот ќе има главен базен со ватерполо димензии 25 на 33 метри, помал базен за деца и непливачи, трибини со околу 500 седишта, како и придружни содржини.

Најважното ветување тогаш беше дека објектот вреден околу пет милиони евра ќе биде готов за 30 месеци.
Не беше.
Пет години подоцна, во декември 2020 година, тогашниот директор на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски информираше дека базенот е изграден околу 50 проценти. Како причина за дел од застојот беа посочени проблеми со подземните води. Новиот „последен рок“ тогаш беше крајот на 2021 година.
Не беше завршен ниту тогаш.
Како треба(ше) да изгледа затворениот базен во Охрид
Во август 2022 година следуваше нова најава. Базенот, според тогашните информации, бил речиси 70 проценти готов, но работите повторно биле запрени. Од Агенцијата за млади и спорт беше најавено дека изградбата ќе се интензивира од септември, а новиот рок беше март или април 2023 година.
И тој рок помина.

По промената на власта, во јули 2024 година министерот за спорт Борко Ристовски најави прекинување на договорот со дотогашниот изведувач, ревизија на целиот проект, нова проценка на вредноста и избор на нов економски оператор.
Но, и тој пристап подоцна беше променет. Во мај 2025 година Министерството за спорт информираше дека, по добиените препораки, проектот сепак треба да продолжи со истиот изведувач, со измена на проектната документација и обезбедување дополнителни средства. Тогаш целта беше охриѓани да го добијат базенот во текот на 2026 година.
Сега, во 2026 година, се подготвува нова постапка и се најавува нов рок – уште една година.

Големата пропуштена шанса – Охрид нема да има олимписки базен
Но, долгата изградба не е единствената слабост на проектот.
Уште посуштинско прашање за град со традиција каква што има Охрид е зошто државата пред повеќе од една деценија не проектирала олимписки, 50-метарски базен.
Главниот базен во комплексот е проектиран со ватерполо, а не со олимписки пливачки димензии. Тоа значи дека, и по неговото конечно завршување, Охрид нема да располага со затворен олимписки базен на кој би можеле да се организираат натпревари и тренинзи за кои е неопходна патека од 50 метри.

Пецаков за OhridNews оценува дека тоа е сериозна грешка направена уште во фазата на планирање.
По мене, тоа е катастрофална грешка. Не можам прецизно да одговорам зошто, бидејќи станува збор за временска дистанца од околу 13 години. Ако ме прашувате мене, неправда е тоа што се случи Охрид да добие базен кој не е со олимписки димензии. Но, сепак, е повеќе од ништо, затоа што досега немаме ништо, вели Пецаков.
Според него, во оваа фаза приоритет е да се завршат административните постапки и изградбата конечно да продолжи.
Додека Охрид чекаше, Струга го обнови својот базен
И додека Охрид повеќе од една деценија го чека својот затворен базен, соседна Струга во декември 2023 година го пушти во употреба целосно реконструираниот покриен пливачки базен.
Во реконструкцијата беа вложени околу 1,6 милиони евра. Беа обновени базенското корито, машинскиот дел, електричната инсталација, соблекувалните, фасадата и покривот, а беше дограден и мал помошен базен.
Со завршувањето на охридскиот базен, регионот конечно би добил два функционални затворени пливачки објекти, што може значително да ги подобри условите за пливачките клубови, школите, ватерполото, рекреацијата и спортскиот туризам.
Но останува впечаток дека е можеби пропуштена историска можност.
Во регион со исклучителна пливачка традиција можеше да постои логична и комплементарна инфраструктура – реконструираниот 25-метарски базен во Струга и современ 50-метарски олимписки базен во Охрид. Таквиот комплекс на капацитети ќе отвореше сосема поинакви можности за развој на пливањето, подготовка на врвни спортисти и организација на големи домашни и меѓународни натпревари.
Наместо тоа, Охрид веќе единаесетта година гледа во недовршениот објект кај „Билјанини Извори“.
Од првичните 30 месеци за изградба помина повеќе од една деценија. Се сменија влади, премиери, министри, директори, рокови и планови. Се најавуваа завршувања во 2021, 2023 и 2026 година.
Сега се најавува уште една година.
За охридското пливање, кое предолго чека нормални услови за работа во текот на целата година, завршувањето на базенот несомнено би било огромен чекор напред.
Штета е само што по толку години чекање и толку вложени средства, Охрид нема да добие олимписки базен.
Но, нешто е подобро од ништо.
Или?
Г. Момироски













