Безбедносната состојба на подрачјето на седум општини што ги покрива СВР Охрид е стабилна. Изминатово деноноќие, во периодот од 07.00 часот на 27.03. до 07.00 часот на 28.03.2020 година, едно лице во Струга не ја почитувало забраната за движење за време на спроведување на мерките за ограничено движење и заштита на граѓаните од ширење на коронавирус COVID-19. Нема регистрирани собирања на граѓани, нарушувања на јавниот ред и мир, нема кражби и други казнени дела и не се регистрирани сообраќајни незгоди, информира СВР Охрид.

Непречено се одвива контролата на лица кои се под мерките задолжителен државен карантин, здравствен надзор и домашна изолација и задолжителна 14-дневна самоизолација. Полициските службеници извршија 340 контроли на лица во самоизолација (Охрид-130, Струга-67, Кичево-48 и Дебар-95) и 134 на лица во задолжителна изолација (Охрид-47, Струга-2, Кичево-1 и Дебар-84). Извршени се вкупно 114 контроли на угостителски објекти. – соопшти СВР Охрид.

Стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба. Во рамките на предвидените мерки во оперативниот план, полициските службеници непречено ги реализираат мото-патролите низ градските средини и приградските населби. Притоа, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди.

На терен, без проблем се одвиваат активностите кон лица што се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација. Во општините Дебар и Центар Жупа без проблеми се реализираат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти. – се вели во соопштението.

Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини. Упатуваме апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана на движењето од 21.00 до 05.00 часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик, предупредува СВР Охрид.

OhridNews