Инспекцијата на Европската ракометна федерација, позитивно ги оцени преземените активности во спортската сала „Билјанини извори“ која во декември ќе биде домаќин на репрезентациите кои ќе земат учество на сениорското Европско првенство во ракомет за жени.

Повеќе од два часа инспекцијата предводена од директорот на натпреварувачката комисија при ЕХФ, Холанѓанецот Јан Таик, директорката за женски натпреварувања, Моника Фликседер, како и претставници на маркетинг агенцијата ИНФРАНД, ја „чешлаа“ охридската спортска сала.

Голем дел од досегашните забелешки се отстранети, дел ги отстрануваме, а добивме и нови упатства кои се надевам ќе ги реализираме до почетокот на јуниорското Светско првенство за ракометарки на 20 јули, кога ќе биде извршена и последната инспекција, истакна градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.

Добрата инфраструктура му овозможува на Охрид да биде домаќин на исклучително големи спортски настани, а на обострано задоволство соработката помеѓу Охрид и РФМ продолжува и натаму, истакна генералниот секретар на ракометната федерација, Марјан Начески. Тој напомена дека 90% од забелешките на ЕХФ се отстранети, но дека маркетинг агенцијата која ги има ексклузивните права за првенството кое се проценува дека ќе го проследат 1,5 милијарди гледачи покрај тв екраните, изнела дополнителни забелешки кои како што рече, ќе бидат навреме отстранети. „ЕП  во ракомет што ќе се игра од 2 до 14 декември оваа година ќе биде најголемиот спортски настан што некогаш се одржал во Македонија“, рече Начевски.

Новите забелешки изнесени при денешната инспекција се однесуваат на зголемување на капацитетот на прес центарот, проширување на микс зоната, и подобрување на условите за тв пренос. Според проценките на ЕХФ се очеква ЕП во Македонија да го проследат околу 1000 акредитирани новинари за кои треба да се  обезбедат соодветни услови. „Сеуште не сме стигнале до финалната фаза но за мене нема никаков сомнеж дека работите ќе бидат завршени и учесниците на ЕП ќе бидат задоволни од работата која ќе ја направиме“, истакна директорот на натпреварувачката комисија Јан Таик. Тој му се заблагодари на градоначалникот на Охрид за досега сработеното, но го држи за збор дека сите забелешки ќе бидат отстранети на денот на ждрепката за ЕП што ќе се одржи на 20 јули на брод во водите на Охридското Езеро.

Мирко Постоловски