Комесарот на Европската комисија за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан изрази длабока загриженост од ситуацијата во Македонија поради судирите на македонската полиција со терористичката група во кумановската Дива населба, и повика на максимална воздржаност од сите фактори и воспоставување мир, пренесува „Макфакс“.

„Длабоко сум загрижен за развојот на ситуацијата во подрачјето на Куманово и поради можноста од ранети и загинати. Ги повикувам властите, сите политички челници и челниците на заедниците да соработуваат, да воспостават мир и во целост да спроведат истрага за овие настани на објективен и транспарентен начин во согласност со законите“, се вели во изјавата на Хан.

„Ги повикувам сите фактори на максимална воздржаност. Мора да биде избегната секоја натамошна ескалација, во крајна линија поради општата стабилност во земјата“, се истакнува во пораката на еврокомесарот.

Од саботата рано утрото во Дивата населба пред Куманово од страна на Скопје, припадниците на специјалните сили на македонското Министерство за внатрешни работи повеќе од 16 часа водеа операција против тешко вооружената поголема терористичка група, како што рече министерката Гордана Јанкулоска, сочинета од државјани на „соседна држава“, но и од македонски граѓани.

Во борбите загинаа пет македонски полицајци а триесетина се ранети, додека бројот на загубите и повредените кај напаѓачите не е утврден. Пред 19 часот поголем дел од вооружената група која даваше отпор со тешки митралези, гранати и рачни фрлачи, се предаде, додека подоцна вечерта беше неутрализирана и последната група од десетина вооружени лица кои продолжи да дава жесток отпор. 

OhridNews
извор: „Макфакс“