Екипата на Клиника Др. Баткоски – Италија („Clinica Dr. Batkoski Italia“) го освои првото место на престижниот меѓународен турнир во мал фудбал што од 19 до 21 јуни се одржа во италијанскиот град Аоста, во регионот Вале д’Аоста.
Станува збор за традиционален турнир со 15-годишна историја, кој се игра на импровизирани терени поставени на централниот градски плоштад „Piazza Émile Chanoux“, еден од најпознатите јавни простори во Аоста. Годинава настапија 18 екипи, а покрај домашните состави за првпат учествуваа и екипи од Франција и Швајцарија, што на турнирот му даде дополнителен меѓународен карактер.
Тимот на „Clinica Dr. Batkoski Italia“, кој го носи името на познатиот стоматолошки бренд од Охрид, групната фаза ја заврши на второто место со ист број бодови како и првопласираниот тим, но со послаба гол-разлика.
Вистинската доминација следуваше во елиминациската фаза, каде екипата нанижа четири победи без примен гол. Во осминафиналето славеше со 4:0, во четвртфиналето со 2:0, во полуфиналето со убедливи 6:0, а во големото финале со минимални, но доволни 1:0 го совлада домаќинот Аоста Футсал и го освои шампионскиот трофеј.
Успехот има дополнителна симболика ако се има предвид дека Стоматолошкиот центар „Др. Баткоски“ од Охрид со години е препознатлив како еден од пионерите во развојот на денталниот туризам во Македонија, со силно присуство на италијанскиот пазар. Голем број пациенти од Италија токму во Охрид ја доверуваат грижата за своето орално здравје на тимот на клиниката, што низ годините придонесе за градење цврсти професионални и пријателски врски меѓу Охрид и Италија.
Триумфот на Клиника Др. Баткоски – Италија на еден од најпознатите аматерски футсал турнири во регионот Вале д’Аоста претставува уште една успешна промоција на името на Охрид и Македонија надвор од границите на земјата.
OhridNews











