Враќање на концесиите врз Езерото и крајбрежјето од страна на Владата во надлежност на општината Охрид, бара општинскиот огранок на  ВМРО НП. Координаторот на советничката група на ВМРО НП, д-р Томе Гиноски, смета дека еколошкото опустошување на Охридското Езеро зема загрижувачки размери поради што Советот треба да го задолжи Градоначалникот да побара од Владата враќање на надлежностите на општината.

„Охридското Езеро се уништува како биолошки систем а акцент се става на негова комерцијализација, вели д-р Гиноски. „Со комерцијализација на плажите ние не добивме плажи какви што се најавуваа, туку добивме едни нагрдени места на Езерото пред кои што е уништена трската и живиот свет кој што живее во неа, добивме тампонирани места со неприроден матерјал каде туристите ќе ги паркираат своите возила, со што негативно се влијае токму на туризмот зошто гостите кои доаѓаат во Охрид сакаат да видат природни убавини, а не ѕидови и платформи“, вели советникот Томе Гиноски.

Тој предлага Советот да  апелира до Министерството за транспорт и врски да забрани секаква градежна активност внатре во водите на Охридското Езеро во смисол на изградба на платформи, привремени пристаништа и слично. Според него така драматично ќе се подобри природното циркулирање на водните струи на езерото што влијаат врз животот во литоралниот дел од езерото.

Гиноски исто така предлага Советот да ја извести националната канцеларија на УНЕСКО и да побара од неа да влијае кај Владата за доследно почитување на договорот со кој Охридското Езеро како природен басен е ставено под заштита на светската организација. Гиноски исто така предлага преиспитување на  Договорот склучен во шеесеттите години од минатиот век помеѓу поранешната СФРЈ и НР Албанија за осцилација на нивото на Охридското Езеро и користење на истото како акумулација  во функција на производство на електрична енергија.
Доколку општинската администравција не преземе соодвитни мерки, ВМРО НП ќе иницира мирни граѓански протести со цел  да биде свртено вниманието на пошироката јавност за спас на Охридското Езеро кое е под силен удар на човекот, најави д-р Гиноски.

Г. Момироски